Малата Амбла од Гостивар била дискриминирана

Џемаил Ќамили, поранешен градоначалник на општина Долнени, додека бил на функција го дискриминирал М.И. вработен во оваа локална самоуправа. Оштетениот кој е вработен во општина Долнени на работно место советник – преведувач од албански на македонски и од македонски на албански јазик, во континуитет бил вознемируван, трпел притисоци и бил ставан во нееднаква положба во однос на останатите колеги од страна на тогашниот градоначалник на општината и за разлика од останатите колеги, во периодот кога на сила беа владините мерки за рестриктивно работење во државните органи, бил распореден работните задачи да ги извршува со физичко присуство.

Заради превенирање на опасност по неговото и здравјето на неговото семејство, подносителот поднел приговор до работодавниот орган, на кој одговор добил по неколку месеци, односно по престанокот на вонредната состојба. Во наведениот период, подносителот на претставката непрекинато ги ивршувал работните задачи со физичко присуство, почитувајќи ја наредбата на градоначалникот, иако работодавниот орган бил должен работата да ја организира според Одлуката за превентивни препораки за заштита на здравјето на населението од заразната болест Ковид-19, донесена од Владата на РСМ, утврдила Комисијата за заштита од дискриминација.

И малата Амбла Адеми од Гостивар, девојчето со Даунов синдром која беше спречена да следи редовна настава во училница, била дискриминирана. Комисијата предмет за Адеми отвори по допрен глас на 3 февруари. Членовите на Комисијата, во период од две седмици, ги сослушаа сите засегнати страни- родителите на Амбла, наставниците и училишниот психолог, лекарот на Амбла, но и родителите на останатите деца во класот, кои жестоко се противеа Амбла да следи редовна настава со соучениците, наведувајќи оти се однесувала агресивно и ги плашела останатите деца од одделението. Претседателот на Комисијата, Кире Василев вели дека во конкретниот случај, по извршени разговори, била констатирана дискриминација и биле дадени препораки.

– Сега она што треба да направиме е да надгледуваме дали препораките дадени до училиштето и локалната самоуправа се спроведуваат. Доколку не бидат спроведени ќе треба да покренеме прекршочна постапка пред надлежен суд, вели Василев.

Заменик претседателот на Комисијата за заштита и спречување на дискриминација Исмаил Камбери вели оти зголемениот број на претставки кои ги добиле во изминатите месеци укажува дека кај граѓаните била вратена довербата во работата на Комисијата.

– Минатата година добивме тројно повеќе претставки, вкупно 167. Или, како за споредба годините претходно до Комисијата биле адресирани околу 60 претставки што само по себе укажува дека довербата кај граѓаните е зголемена, вели Камбери.

Граѓаните најмногу се жалеле за дискриминација на работно место, пред се во образованието и на политичката определба.

Во однос на пристапот до јавни добра и услуги кај најголем дел од претставките доминирала дискриминацијата врз основа на боја на кожа, социјално потекло и попреченост, што само по себе укажува на недоволен сензибилитет кај граѓаните кон одредени категории на граѓани.

– На пример имавме трансродово лице на кое му бил забранет пристап до лекови во аптека. Досега имаме околу шест утврдени дискриминации во оваа област по основ на родов идентитет, вели Камбери и додава дека голем дел од претставките, околу осум пак се поради вознемирување поради сексуална ориентација на социјалната мрежа Фејсбук.

Седум претставки кои стигнале до Комисијата биле по основ на родова дискриминација, а уште толку за родов идентитет. Комисијата го презентираше Годишниот извештај за 2021 година. Работени биле 167 предмети, а решени биле 40 отсто од предметите.

ВИДЕО: „Лев Тахор“ е прв случај на дискриминација по основ на антисемитизам, лажни вести се шират низ медиумите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот