Фото: EPA / Ian Langsdon

Макрон разговарал со Трамп и Пезешкијан, побарал смирување на тензиите

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп и со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и ги повикал двајцата лидери да ги продолжат разговорите и да спречат понатамошно ескалирање на тензиите.

„Вчера разговарав со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, како и со американскиот претседател Доналд Трамп. Повикав на продолжување на разговорите што беа прекинати во Исламабад, за разјаснување на недоразбирањата и за избегнување на нови фази на ескалација“, напиша Макрон на платформата X.

Тој нагласи дека е потребно прекинот на огнот строго да се почитува и да го вклучи Либан, со цел да се избегне ширење на конфликтот во регионот.

„Особено е потребно сите страни строго да го почитуваат прекинот на огнот, а тоа го вклучува и Либан. Подеднакво е важно што поскоро безусловно да се отвори Ормускиот Теснец, без контроли или патарини“, истакнал францускиот претседател.

Според него, доколку се исполнат овие услови, преговорите би можеле брзо да продолжат со учество на клучните меѓународни актери.

Макрон, исто така, објави дека Франција и Обединетото Кралство ќе бидат домаќини на конференција во Париз во петок, на која ќе се соберат земји кои не се директно вклучени во конфликтот и кои се подготвени да придонесат во мултилатерална, исклучиво одбранбена мисија за обезбедување слобода на пловидба во Ормускиот Теснец, кога безбедносните услови ќе дозволат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот