„Макфест“ 2023: Традицијата променета во ново, модерно аудио-визуелно руво

Фото: Промо

Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ денеска ја одржа првата предфестивалска прес-конференција во хотел „Хилтон“ во Скопје.

На настанот беа претставени сите детали и поединости околу одржувањето на годинашното издание на фестивалот, како и целосните листи со изведувачи на двете фестивалски вечери, правилата и сѐ останато што ќе се случува годинава на најреномиранот македонски фестивал на забавна музика.

Прес-конференцијата ја отвори градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, кој во својство на прв човек на организаторот говореше за суштината, значењето, улогата и сѐ она што „Макфест“ како фестивал значи, не само за општината и нејзината околина, туку и за цела Македонија. Јорданов потенцираше дека брендот, кој трае цели 38 години, продолжува да се негува, но на еден нов, современ и модерен начин, најмногу близок до младите и нивното поимање на новите музички правци.

Уметничкиот директор на фестивалот, композиторот Роберт Саздов потенцираше дека годинашното издание на „Макфест“ има потенцијал да изроди повеќе хитови отколку една Евровизија. Исто така, тој сподели дека песните се модерни, современи, певливли и дека бргу ќе допрат до публиката.

Главниот кординатор на „Макфест“, Александар Арсовски говореше за техничко-организационите детали на годинашниот „Макфест“, кој со помош од средствата од општината, помагателите и спонзорите ќе добие една сосема нова компонента како во содржинскиот, така и во техничко-визуелниот квалитет и понуда.

Фото: Промо

Како што веќе беше најавено, по повеќе од три децении, на макфестовската сцена се враќа и еден од најпопуларните македонски пејачи – Владо Јаневски. За време на прес-конференцијата, тој направи емотивен осврт и носталгична прошетка по спомените од фестивалските години, потсетувајќи ги новинарите дека на сцената на домот на културата во Штип е уште од првиот „Макфест“. Тогаш како клавијатурист на групата „Бон-тон“, со нивната тогашна песна „Старо купувам“, за подоцна и самиот да биде дел од ѕвездените учесници со неговите „Еден бакнеж“ и „Чаирска романтика“, а сега со неговата нова фестивалска тема во најава „Златни години“. Исто така, Јаневски говореше за значењето и улогата на „Макфест“ за Штип и за Македонија, но и за младите имиња кои допрва доаѓаат на естрадната сцена.

Членот на уметничкиот совет Јован Јованов, кој за оваа цел допатува директно од Канада, каде последниве години живее и работи, зборуваше за сценскиот изглед на годинешното фестивалско издание, како и за целокупниот визуелен дизајн, но и за застапеноста на современите форми на презентација на фестивалот и неговите содржини преку постојните интернет-платформи и социјалните медиуми.

Пред бројните претставници на медиумите и дел од пејачите кои беа присутни низ посебна видеопрезентација на видеобимот беа претставени сите учесници. По 13 во секоја од двете фестивалски вечери, со визуелна најава на изведувачот, името на песната и аудио на рефренот од истата, која ќе ја изведува.

Споменатите протагонисти на крајот одговараа на прашањата од новинарите, а целата прес-конференција ја модерираше официјалниот пи-ар на „Макфест“, новинарот и водител Антонио Димитриевски.

Тој, меѓу другото, појасни дека и двете фестивалски вечери на „Макфест“ ќе бидат директно пренесувани на националниот сервис, на првиот канал на Македонската радио-телевизија, но и на првата програма на Македонското радио.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот