„Македонско културно лето“ во Пустец – Преспа како дестинација за културен туризам

На затворањето на фестивалот настапи Театар „Џинот“ Велес, а беа доделени и наградите

Организаторот на „Македонско културно лето“ во Пустец, Албанија, Едмонд Сотир, истакнува дека јубилејното 15. издание на фестивалот поминало со поголемо внимание од претходните години.

Јубилејното издание на фестивалот „Македонско културно лето“ во Пустец, Албанија, се одржа на почетокот на јули, а ехото од настаните одѕвонуваше во текот на целиот месец. Фестивалот беше отворен со концерт на хорот „Св. Злата Мегленска“, а потоа следуваа претставите „Анатомија на неверството“ на Театар Комедија од Скопје, „Не се клади на Енглези“ на Македонскиот народен театар, „Кармен“ на Драмскиот театар, а на затворањето премиерно беше изведена претставата „Орест“, копродукција на Здружение „Сонце“ и Театар „Џинот“ Велес.

Настаните се одржаа на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец. Организатор на фестивалот е Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“ – Скопје и Едмонд Сотир.

Фестивалот го отвори концертот на хорот „Св. Злата Мегленска“

– Фестивалот е основан со цел заштита, развој и промоција на македонската култура кај македонскиот народ во Албанија, поголема грижа од Албанија за потребите на Македонците и поголема соработка во културата меѓу Албанија и Македонија. Резултатите по 15 години посветеност покажуваат дека целта е остварена, додека таа цел да остане жива, искуството ни докажува дека културниот идентитет треба да се поддржува и негува секогаш и секаде. Иако редовно покануваме гости/официјални лица и од Македонија и од Албанија, оваа година побројни беа гостите од Албанија. Меѓу присутните беа градоначалникот на Општина Пустец Пали Колефски, претставникот на Обединета македонска дијаспора Гордан Јорданов, префектот на Корча и претставник на премиерот Рама, Нертил Јоле, владиката европски на МПЦ-ОА отец Пимен, претставничка од Мисијата на ЕУ во Албанија Констанца Шааф, претставници на Министерството за култура на Албанија и градоначалникот на Преспа од соседна Грција, Панајотис Паскалидис – објасни Едмонд Сотир.

На фестивалот учествуваа културни установи од Македонија, а на крајот се доделија и награди. За најдобра актерка беше прогласена Биљана Драгиќевиќ Пројковска за улогата на „Кармен“ на Драмски театар; Жаклина Петровска Милјановска ја доби наградата за најдобра млада актерка за улогите во „Анатомија на неверството“ на Театар Комедија; истата награда ја доби и Славица Манаскова од Театар „Џинот“ Велес за улогата на Електра; најдобар актер беше Сашко Коцев за улогата на Паун во „Не се клади на Енглези“ на МНТ; додека најдобар млад актер беше Жарко Спасовски од Театар „Џинот“ Велес за улогата на Орест. За најдобра претстава беше прогласена „Кармен“, а награда за најдобра режија доби Дејан Пројковски за „Кармен“ на Драмски Театар од Скопје.

Едмонд Сотир – Секогаш се трудиме на гостите да им ја претставиме Преспа каква што e, преубава и дива

– Во Пустец, македонското малцинство е мнозинство, односно сите жителите на Пустец се Македонци. Овој фестивал е најзначајниот и најголемиот културен настан на македонски јазик во Албанија. Во изминативе 15 години со посветеност, квалитетот на содржината, организираноста и посетеноста успеавме да ја претвориме Преспа во дестинација за културен туризам.

Потврда за значајноста на фестивалот во културниот и општествениот живот во Албанија, покрај многуте добиени награди и признанија од разни владини и невладини институции, е и тоа што во последниве три години фестивалот се најде и во културната мапа на настани што Министерството за култура на Албанија ги препорачува да се посетат, што е големо признание за нас и за успехот на фестивалот.

Секогаш се трудиме на гостите да им ја претставиме Преспа каква што е, преубава и дива, да организираме посети на позначајните места, како што се островот Мал град, музејот, пештерските цркви итн. Неколку години наназад планираме настаните на „Македонско културно лето“ да се одржуваат преку целото лето во Пустец и Корча, па можеби и пошироко! – истакнува Едмонд Сотир.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 140, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот