Македонските ракометари загубија од Литванија во квалификациите за ЕП 2026

фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Во својот втор натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2026 година, најдобрата македонска машка ракометна репрезентација претрпе пораз во Вилнус од Литванија со 29:27.

Ова е чекор назад за избраниците на селекторот Кирил Лазаров на патот кон остварување на главната цел. Дефинитивно нема да биде лесен патот кон ЕП 2026, а доказ за тоа е и тесната победа на Словенија на гости против Естонија (29:28).

Литванските ракометари воглавно го одржуваа водството во своја корист, ние единствено имавме позитива на старто од 1:0 и 2:1. Во следниот период домаќинот константно беше во предност, имаше 7:4, а нешто подоцна дојде и до највисоки „плус четири“ (9:5). Успеавме до паузата да намалиме нешто од негативата и да бидеме на само „минус еден“ (13:12).

Добро го почнавме второто полувреме, не само што израмнивме на 14:14, туку и одржувавме минимална позитива. Имавме 16:15, 18:17, 20:19, но дозволивме повторно ривалот да го контролира резултатот.

Ние сега бркавме негатива од „минус еден“, израмнивме на 23:23, па Литванија направија мини серија од два гола и до крајот на мечот не ја испушти својата позитива, иако неколку пати успеавме да се доближиме на „минус еден“.

Кај стрелците во нашите редови Кузмановски имаше осум голови, по пет запишаа Сефаримов и Пешевски.

После две кола во квалификациската група 1 води Словенија со четири бодови, следуваат Литванија и Македонија со по два, а последна Естонија без бодови. Следниот меч нашите најдобри ракометари ќе го имаат на 12 март 2025 година на домашен терен против Словенија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот