Македонските ракометари во Вилнус по втор триумф во квалификациите за ЕП 2026
По стартниот триумф на домашен терен против Естонија (37:33), најдобрата македонска машка ракометна репрезентација денеска ќе го одигра вториот натпревар во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2026 година.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров од 17.00 часот во Вилнус ќе играат против селекцијата на Литванија која во првото коло претрпе пораз од Словенија во Велење со 36:25.
Со триумф нашата репрезентација ќе биде чекор поблиску до пласман на следниот континентален собир кој ќе се организира во Данска, Норвешка и Шведска.
Лазаров направи една промена во составот, на голманската позиција наместо Мартин Томовски, повикан е играчот на РК Алкалоид, Иван Галевски, со шанса да дебитира за сениорскиот тим на официјален меч.
Составот на Македонија за денешниот меч против Литванија: Галевски, Кизиќ, Велковски, Ѓоргиев, Митев, Кузмановски, Петковски, Карасманакис, Пешевски, Лазаревски, Џонов, Стојковиќ, Аларов, Пе. Атанасијевиќ, Серафимов, Па. Атанасијевиќ.