Македонските компании сè уште со ниска свест за значењето за заштита на индустриската сопственост

Слободен печат/ Д. Митрески

Сè уште е ниска свеста за значењето за заштита на индустриската сопственост кај македонските компании. Потврда за ова е податокот дека домашните извозници преку Мадридскиот систем имаат регистрирано само 518 трговски марки, за разлика од над 102 илјади регистрирани странски трговски марки кај нас, преку Светската организација на интелектуална сопственост (ВИПО). Интерес има, но сепак е потребно подигнување на јавната свест за значењето и улогата на правата, велат за „Слободен печат“ од Државниот завод за индустриска сопственост.

Експертите од оваа област со години укажуваат дека за секоја фирма е добро уште на почеток да си ги заштити името и логото за да се пресретнат можните проблеми во иднина. Фалсификувањето е форма на уништување на интелектуалната сопственост, затоа заштитата на правата од индустриска сопственост игра голема улога во индустријата. Таксите и трошоците за заштита на правата во Македонија се меѓу најниските во регионот и во Европа.

– Заштитените права им овозможуваат на носителите да имаат ексклузивитет врз нивните трговски марки, дизајни и пронајдоци, па на тој начин се намалува можноста за копирање или имитација од конкурентите. За малите и средни претпријатија, ова е важен чекор во развој на производите, нивен пласман и привлекување потрошувачи. Во сегашниот економски контекст, како резултат на подобрениот пристап до модерни информациски и комуникациски технологии, многу мали и средни претпријатија сè повеќе ги насочуваат нивните операции кон извозни пазари – објаснуваат од ДЗИС на прашањето на „Слободен печат“, дали нашите компании ги знаат придобивките од заштитата и дали си ги заштитуваат своите производи, а особено оние што извезуваат?

Експертите од Заводот тргнаа во кампања за да се подобри свесноста за прашањата на индустриска сопственост.

– Кога се во прашање маркетингот, собирањето финансиски средства, извозот, лиценцирањето или франшизингот, многу е важно да се има основно разбирање за тоа од што е сочинета интелектуалната сопственост, средствата за нејзина заштита и начините за ефикасно управување со правата. Во оваа насока беа и состаноците одржани со претставниците на две стопански комори, а најавени се и експертски посети директно во компаниите што се нивни членки, за да се објаснат бенефитите и постапките за заштита на трговска марка како и другите права од индустриска сопственост – додаваат од ДЗИС.

Досега во државава преку Заводот се поднесени вкупно 37.380 пријави за трговски марки, од кои од домашни компании се вкупно 17.060 барања. Регистрирани се вкупно 29.858 трговски марки, од кои од домашни компании се 11.900. Најголем интерес за заштита има за трговските марки, со кои се разликуваат стоките или услугите на еден учесник во прометот од стоките или услугите на друг учесник во прометот. Со стекнатото право за трговска марка се спречува секаков обид за злоупотреба на таа марка. Воедно, никој друг нема да смее да ја користи во прометот за одбележување на стоките или услугите.

Македонските традиционални производи со заштитени географски називи

Како најпознати географски називи заштитени со ознака на потекло во Македонија се  кочански ориз, македонски ајвар, тетовски грав, охридски бисер, виното „Дисан“ и овчеполски мед.  Овие географски ознаки се и меѓународно заштитени, во согласност со Лисабонскиот договор во кој сме и членка. Инаку, географскиот назив може да се употреби за обележување природни производи, земјоделски производи, индустриски производи, занаетчиски производи и производи од домашна ракотворба.

Светските истражувања, покажуваат дека бројот на странските инвестиции е во корелација со степенот на заштита на правата од интелектуална сопственост – односно колку повеќе државата ги штити правата од интелектуална сопственост, толку повеќе може да смета на прилив на СДИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот