Патници на Скопскиот аеродром ТАВ/ Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Македонските граѓани ќе патуваат по старите правила во ЕУ уште една година

Правилата за патување во Европската Унија за граѓани од земјите кои имаат безвизен режим, вклучително и од Македонија треба да почнат да важат следната година, доколку повторно не дојде до одлагање, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, пред работната средба во Стопанската комора на Северна Македонија, на покана на претседателот Бранко Азески.

На средбата се разговарало за новите протоколи на ЕУ – системот за влез/излез (EES) и системот за информации и авторизација за патување (ETIAS). Двата системи ќе почнат постепено да се воведуваат во 2025 и 2026 година и, според Комората, ќе значат дополнително оптоварување за компаниите и транспортните оператори.

Николоски нагласи дека македонската Влада е во постојана координација со ЕУ, со цел да се обезбеди полесен влез за граѓаните.

Бизнис-заедницата предупредува дека новите протоколи ќе ги стават македонските транспортни компании во неповолна положба во однос на оние од ЕУ, поради ограничувањата за професионалните возачи (90 дена престој во период од 180 дена). Николоски, пак, смета дека тука нема промени и проблеми, бидејќи правилата остануваат исти.

Според последните информации, системот EES ќе стартува на 12 октомври 2025, а ќе се применува во сите 29 европски земји во рок од шест месеци. Со новите правила, наместо рачно ставање печати во пасошите, ќе се воведе дигитална регистрација за сите патници кои влегуваат во Шенген зоната за краток престој до 90 дена.

При првото влегување, патниците ќе мора да достават биометриски податоци – отпечатоци од прсти и фотографија – до граничните службеници. Воведувањето на EES е подготвителен чекор за стартот на Европскиот систем за патнички информации и одобрување (ETIAS), кој според најновите информации ќе започне да важи во последниот квартал од 2026 година, но точниот датум ќе биде најавен од ЕУ неколку месеци однапред. Тогаш, државјаните на трети земји кои се ослободени од виза за ЕУ ќе мора да поднесат онлајн апликација и да платат такса од 20 евра – повисока од претходно најавените 7 евра. Одобрението ќе важи три години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот