Македонскиот народен театар со пригодна порака одбележа 75 години од првата премиера

Со пригодна порака упатена до театарските доајени, некогашни и сегашни актери и до сите љубители на театарот на 3 април Македонскиот народен театар одбележа 75 години од првата премиера – претставата „Платон Кречет“ во режија на Димитар Ќостаров.

– Иако денес сцената е празна, сите ние го чувствуваме мирисот на сцената и театарската светлина во нас. Сите овие изминати години беа исполнети со дружење, смеа, креативност, силина, моќ, радост… Вие, актерите, од различни генерации одигравте/играте на сцената со бескрајна посветеност, страст, жар, пожртвуваност и секогаш дававте/давате сѐ од себе. Огромен е бројот на режисерите, драматурзите, сценографите, костимографите, композиторите, секторот светло, секторот тон, секторот видео, инженерите, инспициентите, гардероберите, реквизитерите, шминкерите, фризерите, изработувачите на сценографија, декоратерите и администрацијата, кои со неуморна сила секогаш сте присутни зад сцената, овозможувајќи непречено да се одвива магијата и вашата посветеност е непроценлива. Сите заедно направивме театарот да живее, расте и се развива, и истовремено да се прикаже на сцената мигот од животот пред верната публика!

Иако прв пат се соочуваме со празна сцена и празни седишта, повторно светлата ќе се запалат, сценографијата ќе биде на сцената и вие, актерите, ќе ги облечете костимите и изговорите текст, затоа што театарот бил, тука е и ќе остане засекогаш! Иако сега ова е тивок период на сцената, неговото бескрајно патување низ времето продолжува со креирање и планирање на нови претстави, проекти, изложби…

Театарот отсекогаш бил во нашите срца и мисли! Поради тоа, на сите кои сте биле и сте дел од МНТ на било кој начин, би сакале да ви заблагодариме за сѐ и за секоја ваша пожртвуваност да ви оддадеме почит! – стои во пораката на МНТ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот