Фото: Navarro Parcerisas Carles / Alamy / Alamy / Profimedia

Македонскиот ИТ-сектор во подем – Десет компании со вкупен приход над 68 милиони евра

Анализата на порталот Пари и податоците на Бизнис мрежа за 2024 и 2023 година покажува дека македонските информатички компании не само што се приспособуваат на глобалните трендови, туку и создаваат додадена вредност на домашниот пазар

Индустријата за информатичка и комуникациска технологија е најбрзорастечки сектор во македонската економија и игра важна улога како снабдувач на работни места и извозник. ИКТ-индустријата има потенцијал да создава силен економски раст и придобивки што се чувствуваат не само во економијата, туку и во целото општество воопшто.

Голем број меѓународни и домашни компании развиваат софтвер во земјата за извозниот пазар и обезбедуваат клиентска поддршка за мултинационални информатички компании. Анализата на порталот Пари и податоците на Бизнис мрежа за 2024 и 2023 година откриваат интересна динамика на раст, но и структурни промени во перформансите и кадровската политика на водечките македонски ИТ-играчи. Анализата опфаќа компании со целосно или доминантно македонско сопствеништво, кои оствариле значаен финансиски резултат и развој во последниве две години.

Првата компанија што се истакнува по приходи е Аксапта Мастерс од Скопје, со раст на прометот од 31,8 насто, што ја позиционира како највисокорангирана ИТ-компанија со домашен капитал во 2024 година, со 16,9 милиони евра приходи. Втора најголема по промет е битолската Интерворкс, која лани акумулирала приход од 13 милиони евра и задржува стабилност, иако растот е скромен (3,8 насто). Во првата тројка спаѓа скопската Некстсенс со приход од 8,9 милиони евра и раст од 1,9 насто во однос на 2023 година.

И кај добивките, Аксапта мастерс е апсолутен лидер, со профит од 4,1 милион евра во 2024 г., што е зголемување од 51,2 насто во однос на претходната година. Другите девет македонски фирми од информатичкиот сектор на листата на добивки имаат заработка под 1,9 милион евра.

Инаку, во десетте најдобри ИТ-компании се вработени повеќе од 1.300 луѓе. Анализата покажува дека македонските информатички компании не само што се приспособуваат на глобалните трендови, туку и создаваат додадена вредност на домашниот пазар. Иако дел се соочуваат со пад на приходите или добивките, доминантниот тренд е позитивен. Новите играчи покажуваат агресивен раст, додека најголемите компании успеваат да ги задржат лидерските позиции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот