Македонската уметница Христина Иваноска се претставува во Галеријата на САНУ и во Музејот на Југославија во Белград

Изложба „Кун: уметник – работник – борец“ во Галеријата на САНУ во Белград

Во рамки на одбележувањето 120 години од раѓањето на Ѓорѓе Андрејевиќ Кун, значаен српски уметник и револуционер, професор на Академијата за ликовни уметности и академик, беа организирани две големи значајни изложби во Галеријата на Српската академија на науки и уметности (САНУ) и во Музејот на Југославија во Белград, каде со свои дела и изработка на монументален мурал се претставува и македонската уметница Христина Иваноска.

Името на Ѓорѓе Андрејевиќ Кун претставува главна одредница во историјата на југословенските уметности на 20. век која дирекно се однесува на поимот „борбен реализам“ – уметност која е тесно поврзана со ангажираните, еманципаторски општествено-политички случувања од минатиот век.

Двете изложби се во организација на Галеријата САНУ, Музејот на современа уметност во Белград и Музејот на Југославија, а авторки на ова значајно одбележување се м-р Мишела Блануша, д-р Вида Кнежевиќ и Ана Паниќ, а изложбите ќе бидат отворени за јавноста до 8 септември 2024 година.

Во рамки на изложбата со наслов „Кун: уметник – работник – борец“ во Галеријата на Српската академија за науки и уметности во Белград, чија кураторка е д-р Катарина Живановиќ, во која покрај изложениот импозантен избор на оригинални дела од сите фази на Куновото творештво, се претставени и дела од неколку современи автори.

Делата на Дејан Марковиќ, уметничкото дуо „Doplgenger“ и Христина Иваноска, интегрирани во поставката се изложени во обидот да се разбере на кој начин Кун денес е запишан во колективното сеќавање, и во која мера неговото влијание е присутно во современите уметнички пракси.

Иваноска на оваа изложба се претставува со дело кое се однесува на женските еманципаторски стратегии на отпор во Народноослободителната војна, пред сѐ, во Македонија преку списанието „Македонка“ од нејзиниот долгогодишен истражувачки уметнички проект „Документот што недостига: За методологијата (текст, глас и тело)“.

Во рамки на делото таа направи и поврзување на Кун и македонскиот уметник, илустратор и карикатурист Василије Поповиќ – Цицо, преку нивната долгогодишна соработка, Кун на српското, а Цицо на македонското списание за жени, кои како органи на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) излегуваат во сите републики на повоена Југославија, и како коавтори на македонскиот државен грб, Цицо како иницијален автор, и Кун и Антун Августинчиќ како соработници кои го доосмислуваат и стандардизираат.

Куновата скица за споменикот во Ивањица (Србија) од 1952 година

На изложбата во Музејот на Југославија со наслов „Кун: Слобода, еманципација, образование, труд!“, Иваноска беше поканета од страна на кураторките Симона Огњановиќ и Ана Паниќ да изработи мурал со монументални димензии (14 м х 3.5 м) инспирирана од Куновата скица за споменикот во Ивањица (Србија) од 1952 година.

Скицата е дел од фондот на Музејот која е реставрирана оваа година и за првпат изложена за јавност во рамки на одбележувањето на годишнината. Таа е работена за мозаик кој е дел од целокупното архитектонско решение на споменикот изработен од страна на Кун, а отворен на Денот на востанието на 7 јули 1957 година.

Во изработката на муралот Иваноска ја користи кириличната типографија „Архетип отворена форма“, која ја создаде во изминатите години во рамки на својата уметничка пракса, каде се избришани вертикалните и хоризонталните линии на буквите, како хиерархиски постулати, за да се отвори простор за заборавените гласови од минатото.

Текстот кој е испишан, „Слобода, еманципација, образование, труд!“, се однесува на примарните цели на револуционерите за кои се бореа во минатото, достигнувања кои беа доведени во прашање и оспорувани во сегашноста, и цели кои треба да се прошират и разгледаат надвор од антропоцентричното однесување за (сѐ уште) можна иднина.

Боите на муралот се извлечени од Куновата скица, кои во просторот се поставени еден наспроти друг како во дијалог. Во изработката на муралот учествуваа и Илиана Петрушевска (технички цртеж) и „Паинт Картел“ (изведба). Изложбата е надополнета и со 20 Кунови графики од мапата „Партизани“, како и со фотографии од семејната архива, известија од „Прес ту егзит“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот