„Македонија пат“ ќе ја урне дивоградбата кај „Мавровка“, за сопственикот кривична пријава

Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонија пат“ треба да донесе одлука за ангажирање на потребна механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изграден градежен објект, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства.

Дивоградбата во „Мавровка“ и досегашните неуспешни обиди за нејзино рушење стануваат проблем кој се издигна на државно ниво. Откако, најпрво се констатираше дека станува збор за дивоградба, па не се се знаешеј кој гради кај поранешното кафуле „Фонтана“,се распишаа два тендери за да се најде фирма што ќе ја сруши дивоградбата на кои не се јави никој, во тек е и третиот, а сега во решавањето на случајот се вклучи и Владата.

Премиерот Зоран Заев најави дека Владата ќе донесе одлуки за да се реши проблемот со дивоградбата која се гради кај „Мавровка“и тоа го направи на првата владина седница во нов состав. Владата вчера донесе одлука да му препорача на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонија пат“ да донесе одлука за ангажирање на потребна механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изграден градежен објект што се наоѓа пред ТЦ Мавровка, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства.

-Во рамките на оваа одлука Владата им препорачува на Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да ги регулираат меѓусебните права и обврски да склучат Договор за отстранување на бесправно изграден градежен објект, делови од објекти и бесправно поставени објекти – информира Заев.

Претходно премиерот изјави дека  со правните служби се разгледале сите модалитети за многу прашања, па и за дивоградбата кај „Мавровка“.

-Општина Чаир има записник и решение, но нема компанија да го изврши решението односно да ги спроведе работите за остранување на објектот, кој не е согласно законска документација -рече Заев .

Вчера и Министерството за внатрешни работи извести дека против градителот е поднесена кривична пријава за бесправно градење.

– Единица за економски и компјутерски криминал до надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М.А. (34) заради постоење на основано сомневање дека пријавениот е сторител на кривично дело „бесправно градење” по чл.244-а од КЗ на објект бесправно изграден на булевар „Гоце Делчев“ на платото пред ДТЦ „Мавровка“ – се вели во соопштението од МВР, во кое се наведува и тоа дека по целосно документирање на случајот кривичната пријава вчера е поднесена до Основното јавно обвинителство.

Случајот со дивоградбата трае подолг период. Во тек е третиот јавен повик со кои Општина Чаир бара фирма што ќе го урне објектот, а за таа цел двојно ја зголеми сумата на договорот.

Извесен период се трагаше и по идентитетот на оној што гради. Деновиве  Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави дека Мевлудин Алити е сопственик на парцелата каде се гради дивоградбата и сопственок на “Фонтана” кое изгоре во пожар.

Повикувајќи се на официјални документи од Централниот регистар и од Катастар, ИРЛ објави дека објектот каде што се наоѓаше кафулето „Фонтана“ имотен лист добил пред нешто повеќе од половина година откако Мевлудин Алити поднел барање за легализација, бидејќи дотогаш „Фонтана“ се водел како времен објект затоа што е на јавна површина.

Според јавните документи до кои дошле новинарите на ИРЛ, општина Чаир го одобрила барањето за легализација на времениот објект во декември 2019 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот