Македонија ги става на тест очилата за виртуелна реалност во наставата за децата со аутизам
Дали очилата за виртуелна реалност може да им помогнат на децата со аутизам во Македонија во образованието и колкав е интересот на државата да ја воведе оваа алатка во училиштата? Професор Владимир Трајковски, основач на Македонското научно здружение за аутизам вели дека овој тип технологија е особено корисен за учење, тренинг и терапевтски цели бидејќи овозможува контролирана и безбедна средина.
Препорачано

Со користење специјализирани очила и сензори, виртуелната реалност овозможува реалистична перцепција на просторот и интеракција со дигитални објекти. Цените на виртуелните очила се од 500 до 800 евра во зависност од меморијата.
Во наредните шест месеци ќе се спроведе студија, поточно емпириски ќе се види како децата со аутизам од основното образование, реагираат на очилата за виртуелна реалност. Доколку се покаже дека тие се функционални, би требало и општините да се вклучат со поддршка да ги купат. Целта е да се зголеми независноста и автономијата на децата кога ќе станат адолесценти и возрасни, а лицата со аутизам преку ВР може да вежбаат практични животни вештини како што е користење на јавен превоз.
-Виртуелната реалност симулира ситуации од вистинскиот живот како што се пазарување, преминување улица или користење јавен превоз, во целосно безбедна и контролирана средина. Овие сценарија им овозможуваат на лицата со аутизам постепено да ја вежбаат рутината без стрес и без непредвидливи надворешни стимули. Со повторување, корисникот гради самодоверба, подобра функционална независност и способност полесно да ги пренесе научените вештини во реалниот живот, рече проф. д-р Трајковски на презентацијата во основното училиште „Владо Тасевски“ во скопската населба Карпош.
Тој посочи дека со овие очила не се лекува аутизмот, но се помага за подобро функционирање. Со ВР технологијата се зголемува мотивацијата за учење кај лицата со аутизам на кои инаку ваквите активности би им биле здодевни.
Проектот во рамките на „Еразмус плус“ програмата „Виртуелна реалност како иновативен пристап во поддршка на лицата со аутистичен спектар на нарушување“ е на самиот почеток од имплементацијата.
-Следува шестмесечна работа за нас, каде ќе се пробува на деца, ќе се шират информациите, ќе се кршат сите табуа за ова. Така што е процес но ќе го почнеме и сакаме да го изодиме бидејќи по реакцијата на децата ќе видите дека навистина вреди, рече Весна Филиповска секретар на Македонското научно здружение за аутизам.
На настанот беа презентирани виртуелни апликации кои треба да им помогнат на децата со аутизам да имаат поинтересно образование. На пример, апликацијата „Нахрани го дабарот“ ја комбинира математиката и физичкото образовние во едно, другите апликации се за осознавање на органите од човековото тело.
Има и апликација каде детето треба да седне на статичен велосипед и со возење по патеката ги запознава животните од двете страници на патеката. Вака се комбинира физичката активност со когнитивните сознанија односно учењето.
-Различни вежби, различни апликации соодветствуваат на различна возраст. Некои се за предучилишна, некои за училишна возраст, рече Фики Гаспар психолог и неурофидбек терапевт.
Проектот е во соработка со партнери од Литванија, Латвија и Турција. На семинарот присуствуваа наставници, стручни соработници и образовни асистенти.


