Мајките и болните незадоволни што се вратија на работа, фирмите се радуваат

Денеска се вратија на работа родителите на децата до шест години, лицата што користат продолжено породилно отсуство и дел од хронично болните лица. Владата ја донесе оваа одлука пред две недели, откако се отворија градинките и дневните центри за ран детски развој и се утврди процедурата околу тоа кој од хронично болните може и понатаму да остане дома.

Во фирмите што ги контактиравме велат дека е добро што работниците им се враќаат на работа и дека не наидуваат на отпор од вработените, односно дека на работа дошле тие што досега беа ослободени. Од друга страна, пак, деновиве бевме сведоци на протестите на родителите, кои велат дека ниту може да ги запишат децата во градинка, затоа што нема слободни места, ниту пак можат да седат дома, затоа што тоа веќе не им е дозволено со владината мерка. Апели за продолжување на мерката – да се седи дома, имаше и од хронично болните.

Претседателот на организацијата на работодавачи Ангел Димитров смета дека проблемите со чувањето на децата се појавиле од бирократски причини и очекува дека тие проблеми набргу ќе се надминат. Неговата забелешка е дека работите требало целосно да се средат пред родителите да се вратат на работа.

– Од една страна, бројките покажуваат пополнетост на местата во градинките, од друга страна, на терен има слободни места. Не се сложувам со апелите за хуманост од страна на министерката за труд Јагода Шахпаска – тие што имаат резервирано местото во градинка, а кои не ги носат децата, да им ги отстапат на оние на кои навистина им требаат. За тоа не треба апел за хуманост, туку одлука за пополнување на местата што се чуваат како резервирани. Исто така, за запишување во градинка услов е самохран родител или, пак, двајцата родители да одат на работа, за што се бараше потврда. Требаше да се побара потврда дека работникот не може да ја врши работата од дома, затоа што вака некои фирми не сакаа да дадат потврда дека работникот оди на работа, во време кога мајката, или таткото, всушност не одеа на работа, затоа што беа опфатени со владината одлука што важеше до денеска – вели Димитров.

Во компанијата каде што е тој сопственик, „Мода“ од Свети Николе, Димитров вели дека сите се вратиле на работа. Само една работничка, која дошла од породилно отсуство побарала извесен период, додека да се снајде, да работи по 4 часа дневно, а компанијата ѝ излегла во пресрет, но четирите часа дневно што не ги поминува на работа, ќе ѝ бидат одбиени од деновите за одмор.

Претседателката на Кластерот за текстил Маријана Перковска, пак, вели дека текстилните компании, иако се трудоинтензивни со многу жени, не се репер за враќањето на родителите на мали деца на работа.

– Во текстилниот сектор просечна старост е 46-47 години, така што нема многу мајки со мали деца. И претходно, барем во Скопје, малкумина во текстилната индустрија ја користеа оваа мерка, да не одат на работа за да ги чуваат децата. Младите го избегнуваат производството. За нив е привлечен ИТ-секторот, но таму може да се работи од дома, и секако, јавната администрација, која веројатно најмногу ќе биде погодена од враќањето на работа на родителите. Но, работите мораа да се нормализираат и никаде – ниту во јавниот сектор ниту во приватниот сектор – не може во недоглед да се седи дома и да се зема плата – вели Перковска.

Сепак, податоците од Министерството за администрација зборуваат дека и во јавниот сектор просечната старост е 46 години. Според податоците, заклучно со 31.12.2019 година, 132.900 лица имаат засновано работен однос во вкупно од 1.324 институции на јавниот сектор. Според податоците од Фондот за ПИОМ, во државава има 581.405 редовно вработени за кои се плаќа пензиско осигурување, што значи дека, грубо кажано, секој четврти е вработен во јавниот сектор.

Во Сојузот на синдикати на Македонија, каде што се гранковите синдикати од разни дејности, вклучувајќи го и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани, велат дека првиот работен ден со сите вратени на работа, помина без поплаки од засегнатите работници. Но тие велат дека за нив сѐ уште има отворени прашања околу враќањето на работа, за кои ќе побараат одговор на утрешната средба со министерката за труд и социјална политика. На пример, велат од ССМ, дискутабилно е зошто Владата се премисли продолженото породилно отсуство да не трае до 31 декември.

Филипче: Можно е пролонгирање на рокот за хронично болните

Хронично болните што не можат да продолжат да одат на работа, до вчера требаше да обезбедат лекарска потврда. Според изјавата на министерот за здравство Венко Филипче, ако сѐ уште има такви што не успеале во тоа, рокот ќе се пролонгира. Но, од друга страна, работодавачите вчера очекуваа сите што нема да донесат потврда, да се вратат на работа.

Во однос на враќањето на работа на хронично болните, министерот изјави дека мерките се добро проценети и анализирани пред да се имплементираат.

Не се враќаат сите на работа, туку лекар специјалист проценува кој ќе оди на работа, а кој не. Не само кому му е влошена болеста, туку и пациент што е во фаза на болеста и има тип на хронична дијагноза, со таква шифра, а треба да биде заштитен во следните шест месеци, нема да оди на работа – рече Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот