Мајка турка количка со бебе
Фото: Слободен печат

Мајки со бебиња чекаат на милоста на Фондот за здравство за да купат млеко и пелени

Бројни мајки кои имаат новороденчиња деновиве се вознемирени поради тоа што единствениот приход од кој зависи како ќе ги опскрбат домашните трошоци и потребите за своите бебиња – не им се исплаќа навреме. Надоместокот за породилно отсуство за мајките во земјава, според десетина од нив коишто се пожалија во нашата редакција, доцни. Доцнењето се случува во услови на поскапени производи, пелени, бебешка храна, адаптирано млеко и потреби кои не можат да почекаат, што претставува стрес за бројни домаќинства.

-Некои добивме исплата за породилно за месец октомври. Но секој месец е истата работа, се доцни со плаќање и не само за породилно туку доцнат и за други исплати со месеци и месеци. Срамота е! Да не застанеме тука и секој месец да биде исто и да се нервираме и чекаме. Греота е за децата. Нека споделат медиумите каква е реалноста секој месец. Што може да направиме за да не биде секогаш вака?, напиша една од овие мајки во Фејсбук групата „Исплата на породилно/продолжено породилно“.

„Слободен печат“ се обрати во Фондот за здравствено осигурување од каде тврдат дека најголемиот дел од исплатите се реализираат меѓу 10-ти и 20-ти во месецот, но потврдуваат дека одреден број на исплати се извршуваат до самиот крај на месецот.

Административните процедури за исплата на породилното, според корисничките на ова право – не се унифицирани. Може да се случи пари да не им легнат на сметките и по 50 дена.

-Првите два месеци надоместокот за породилно отсуство беше исплаќан редовно без доцнење. Кога поднесовме документи кажаа дека секој први во месецот ќе имаме породилно и ништо од тоа, само лаги, се пожали друга мајка во групата на Фејсбук.

Нејзиното искуство го сподели уште една жена која тврди дека е на породилно отсуство од работа веќе 8 месеци.

-Само првите две исплати ми беа навремени, односно на 8-ми во месецот. Понатаму секој месец се подоцна се исплаќаше, па овој месец ме исплатија дури денес. Што значи како што кажа некоја членка погоре, секој месец се касни со исплатата по една недела од тоа што си го земал претходниот месец. Да бидам прецизна ако првично сме земале на 8-ми секој месец, сега со доцнењето сме стигнати до 20-ти што му доаѓа дека ние наместо на 30 дена, исплатата ја добиваме на 37-40 дена. Што не е коректно бидејќи трошоците се планираат на месечно ниво, а не во зависност од желбата на институциите, вели таа.

Друга корисничка на надоместок за породилно отсуство вели дека уште чека половина исплата за септември.

– Бидете благодарни што бар чекате за октомври, јас уште чекам половина исплата за септември. Да не зборуваме за другите работи што им следуваат на децата кои што ги немаат пуштено. Битно пари за избори и за триста други работи има, ама ние породилно за пелени и млеко ќе чекаме. Страшно е ова што се случува во државата, вели таа.

Бројни членки апелираат институциите да работат одговорно и со сенс.

– Некои семејства се само на тој приход дома. Бебињата имаат потреби. Исто и со другите исплати доцнат. Надоместокот за прво или второ дете го пуштаат после неколку месеци. Нека утврдат датум на исплата во текот на месецот и ќе знаеме дека тогаш ќе земеме и готово. Греота е да немаме за млеко или пелени, бебињата треба да бидат на прво место а се ветуваат разни работи пред избори за да се работи на наталитетот и на раѓањето бебиња. Некои плаќале самите придонесе за да земат породилно и на крај чекаат по месец и половина да земат пари, коментира друга мајка.

Од ФЗОМ за „Слободен печат“ велат дека исплатата на породилните надоместоци не е еднократен, туку континуиран процес кој трае во текот на целиот месец. Пресметките ги изготвуваат Подрачните служби на Фондот, врз основа на податоците доставени од работодавачите. По нивната обработка, пресметките се доставуваат на исплата.

Најголемиот дел од исплатите се реализираат во периодот од 10-ти до 20-ти во месецот, но одреден број исплати се извршуваат и до самиот крај на месецот. За месец октомври 2025 година досега се обработени 6.268 предмети на породилно отсуство, во вкупен износ од 340 милиони денари. За споредба, во септември 2025 година биле обработени 7.319 предмети и за истиот број на лица е извршена исплата, со вкупен износ од 384 милиони денари, што укажува дека дел од пресметките за октомври се уште се во обработка и исплата, изјавија оттаму за нашата редакција.

На 30 септември премиерот Христијан Мицкоски рече дека формирањето семејство, како и формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин за еден народ, за сопствената татковина без разлика на верската или етничката припадност. На настан за демографски трендови кој тогаш се одржа во владата, тој порача дека „ако сакаме да имаме држава тогаш семејството е одговорот на овој предизвик“. Промовирана беше и петгодишна програма која ќе ја спроведуваат Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за демографската рецесија. Во 1950 година Македонија имала над 50 илјади новородени бебиња. Во 2024 има 16 илјади новороденчиња, откри тогаш премиерот.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот