Мајката на Јелена чиј гроб беше осквернавен: Еден ден пред да го ископаат гробот на ќерка ми, дојдоа на врата да ми кажат дека ,,многу брзо ќе ја разберам пораката“

Билборд со починатата Јелена Филиповиќ

,,Доаѓам да ти пренесам порака, не го греби образот на мојот газда. Не ја разбираш пораката гледам, ама брзо ќе ја разбереш”. Со овие зборови, еден ден пред да биде отворен и осквернавен гробот на младата седумнаесетгодишна Јелена Филиповиќ од Куманово, која почина во сообраќајка, кај нејзината мајка, на влезната врата дошол човек и и се заканил. Мајката на Јелена, Гордана Филиповиќ, за „Слободен печат“ вели дека приказната дека гробот на ќерка и бил отворен за да затвореници украдат златно ланче е фарса, невистина и обид да се поведе јавното мислење во спротивна насока од вистината, која според неа е заплашување кое следи на само една недела пред судењето во кое ќе се расветлува смртта на седумнаесетгодишната Јелена.

– Не верувам во приказната дека гробот е откопан за да на ќерка ми и украдат златно ланче. Еден ден претходно, еден ден пред да го откопаат гробот, јас пријавив во полиција дека дојде човек пред мојата куќа, пред мојата врата да ми се заканува и да ми каже дека „многу брзо ќе ја разберам пораката”. Поточно, дојде шофер од фирмата на сопатничката на Јелена од вечерта кога се случи несреќата. Тој дојде кај мене дома. Пријавен е, полиција го бараше, ноќта не го најдоа. Меѓутоа, утредента е приведен, па пуштен. Ова се само извршители на делото, а нарачателот кој е? Друго, златни предмети не се одземени од гробот. Ништо не недостасува. Само е осквернавен гробот, расфрлани се од Јелена марамата, ќебето, чаршафот за јас да го видам тој призор и да ме уништат и мене, вознемирено и низ солзи раскажа за „Слободен печат“ мајката на загинатата девојка, Гордана Филиповиќ.

Семејството преку билборди поставени во Куманово и во Скопје, а на кои пишуваше ,,возев пијан и дрогиран, ја убив Јелена”, бараше правда за смртта на своето дете. Јелена загина во сообраќајка во која во возилото биле и возач и сопатничка. Семејството се сомнева дека долго време после несреќата не била повикана итна помош за да не се открие дека возачот имал високи количества алкохол во крвта. Семејството смета дека телото на Јелена било извадено од автомобилот и со главата поставено надолу, во вир. Се сомневаат на убиство.

– Сопругот ми го притворија, а предметот на Јелена го извадија од фиока, сега ќе биде судењето за една недела. После две години го извадија од фиока. И на сопругот му направија местенка, сега и мене сакаат да ме сотрат. Го вадат предметот на Јелена по две години, по сите пробиени рокови за судење. Таткото е тргнат од судењето и сега може да судат како што сакаат. Од почеток и е пресудено на Јелена, а ова е нејзино второ убиство. По смрт – смрт. Пак ја отвораат и пак ја сквернават. Во Куманово згрозени се сите граѓани, ова се нема случено во историја на градот, вакво нешто морбидно. Сестрата и мајката на маж ми отишле да однесат цвеќе на гробот и вриштеле, пиштеле, а јас од Скопје се вратив од лекар. Не ми кажаа веднаш за да не ме исплашат. Паднав во несвест и само прашав, Јелена ја однесоа ли, си помислив дека ја украле. Ова го сфаќам како психичка тортура. Тој што дојде ми рече: ,,имаш и друго дете, сум те видел трудна во Дојран”. Тој работи во фирмата на сопатничката на Јелена. Јас сум мртва личност, после ова немам емоции, си играат со мртов човек. Мене ми е убиено дете и мене веќе ништо не може да ме допре, ни рече Гордана Филиповиќ.

Во скопскиот Кривичен суд во тек е судењето против млад кумановец обвинет за предизвикување на сообраќајката во која загина девојката. Замрсениот случај имаше и продолжение кога таткото на загинатата девојка беше приведен поради сомнеж дека барал платен убиец за ликвидација на повеќе луѓе кои ги сметал за одговорни за смртта на девојката. Така пишува и во билтен на МВР од август годинава.

,,Во периодот од април до август 2021 година Д.Ф. во врска со сообраќајна незгода која се случила во 2020 година, поттикнувал лица за парична награда да извршат убиство над неколку лица. Исто така, во наведениот период пријавениот во повеќе наврати на лицата кои ги поттикнувал да го извршат кривичното дело убиство им се заканувал со огнено оружје со цел да го извршат кривичното дело”, стои во полицискиот билтен.

Викендов, гробот на починатата Јелена Филиповиќ беше целосно и длабоко прекопан и осквернавен.

ОЈО Куманово поведе постапка против лице на возраст од 30 години за сторено кривично дело тешка кражба. Осомничениот заедно со уше двајца околу 1 часот по полноќ на 10 октомври на градските гробишта во Куманово со совладување препреки, со рачен алат лопати и ашов ја тргнале мермерната плоча со која бил покриен гробот на Јелена, дошле до ковчегот го отвориле и почнале да пребаруваат со цел да пронајдат златен накит но не пронашле ништо и делото не го довршиле, велат од Обвиниелството.

За еден од осомничените е определен притвор. Постапка се води и против други двајца осомничени кои се во затвор на издржување казна за друго дело.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот