Диди со мајка му на црвениот тепих на музичките награди „Ем-ти-ви“ во 2023 година / Фото: EPA-EFE/SARAH YENESEL

Маjката на Диди жестоко реагира на документарецот: „Нетфликс шири лаги за моето семејство!“

Џенис Комбс, мајка на Шон Комбс – Диди, кој во моментов ја издржува затворската казна од четири години и два месеци во затворот „Форт Дикс“ во Њу Џерси, остро реагираше на документарецот „Шон Комбс: подмирување сметки“ (Sean Combs: The Reckoning).

Во изјава за „Дедлајн“, таа решила да „исправи дел од лагите“ прикажани во документарецот.

„Изнесувањето неточни информации за детството на мојот син Шон и за нашиот семеен живот е намерно. Целта е да се измамат гледачите и дополнително да се наруши нашиот углед“, изјави таа.

Џенис, која речиси секој ден од двомесечното судење за трговија со луѓе и рекетарење го поминала во судницата на Менхетен, тврди дека најголемиот ривал на нејзиниот син, Кертис Џексон – Фифти сент, ја продуцирал серијата „исполнета со лаги“.

Таа ја прозва и платформата Нетфликс за „сензaционализам што се користи за промовирање на серијата“.

Најмногу ја разгневил делот во кој се тврди дека нејзиниот син некогаш физички се нафрлил врз неа.

„Обвиненијата што ги изнесе Кирк Бароус, поранешен деловен партнер на Диди и коосновач на ‘Бед Бој рекордс’, дека мојот син ме удрил додека разговаравме по трагичните настани на Сити колеџ на 28 декември 1991 година, се неточни и целосно лажни. Тоа беше многу тажен ден за сите нас“, рече таа.

На тој ден, за време на хуманитарен настан промовиран од Диди, во пренатрупана сала загинаа деветмина луѓе во стампедо, а десетици беа повредени.

„Да се искористи таа трагедија и да се вметнат лажни наративи за да се оправда неговиот претходен пропаднат и сегашен обид да се стекне со она што никогаш не му припаѓало, ‘Бед Бој рекордс’, е погрешно, нечувствително и навредливо“, порача Комбс.

Таа додаде и дека во документарецот е претставена како лоша мајка која го малтретирала својот син.

„Тоа не е точно. Шон го одгледав со љубов и со многу труд, а не со злоупотреба. Тој отсекогаш бил вреден и амбициозен“, изјави мајката на Диди.

Џенис побара авторите на серијата да понесат одговорност.

Адвокатите на Диди побараа четириделната серија да биде тргната од платформата, тврдејќи дека во неа се користат „украдени снимки“ и дека се изнесени невистини.

Од „Нетфликс“ реагираа за „Дедлајн“, одговарајќи на критиките и посочувајќи ја улогата на 50 Сент, поради која, наводно, Комбс е највознемирен.

„Ова не е напад ниту чин на одмазда. Кертис Џексон е извршен продуцент, но нема креативна контрола. Никој не бил платен за учество“, наведоа од платформата.

ВИДЕО | Објавен трејлерот за документарецот за Диди: Содржи снимки направени само шест дена пред неговото апсење

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот