Маја Мојсова кандидатка на СДСМ за градоначалничка на Карпош?

 Ако се потврди кандидатурата на Мојсова, тогаш во трката за Карпош таа ќе му се спротивстави на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, бизнисменот Сотир Лукровски. Засега нема најава од актуелниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски дали ќе оди на петти мандат за Карпош. Доколку Јакимовски реши повторно да атакува на градоначалничката функција, тогаш за прв човек на Карпош се очекува неизвесна и интересна битка на локалните избори

Маја Мојсова, поранешната директорка на КАРИЛ и поранешна национална координаторка за трансплантација ќе биде адутот на СДСМ за градоначалничка на Општина Карпош, брифира за „Слободен печат“ висок функционер на СДСМ.
Ако се потврди кандидатурата на Мојсова, тогаш во трката за Карпош таа ќе му се спротивстави на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, бизнисменот Сотир Лукровски. Засега нема најава од актуелниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски дали ќе оди на петти мандат за Карпош. Доколку Јакимовски реши повторно да атакува на градоначалничката функција, тогаш за прв човек на Карпош се очекува неизвесна и интересна битка на локалните избори.

На петти мандат речиси е извесно дека ќе оди и кичевскиот градоначалник Фатмир Дехари иако еднакво добро на партиските анкети на ДУИ котира и ексминистерот за економија и обвинет во случајот „Пулс“, Крешник Бектеши. Сепак, според информации од ДУИ, токму обвинението за Бектеши за најголемата трагедија во поновата македонска историја, можно е да биде хендикеп и лидерот на ДУИ Али Ахмети повторно да пресече за градоначалник на Кичево да оди со Дехари. Во таков случај, Дехари ќе атакува на четврти мандат за градоначалник на Кичево и петти за градоначалничка функција, зашто пред реорганизацијата на општините тој беше градоначалник на Осломеј.

За Скопје досега официјализирана е кандидатурата само на градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, но извесно е дека во трка за метрополата ќе влезат СДСМ и за првпат Левица, како и кандидати од албанскиот политички блок – Европскиот фронт и Вреди. На Ѓорѓиевски, како што веќе објавивме, најверојатно ќе му се спротивстави поранешната министерка за животна средина и потпретседателка на СДСМ, Каја Шукова. Лидерот на СДСМ Венко Филипче во телевизиско интервју освен Шукова, рече дека за Скопје во игра останува и архитектот Мишко Ралев и уште двајца кандидати. Од Европскиот фронт брифираат дека има неколку имиња за кои се прават анкети и дека допрва ќе одлучат со кого ќе истрчаат за градоначалник на метрополата. Според брифинзите, ако кандидатот за Скопје биде предлог од ДУИ, тогаш речиси е извесно дека тој ќе биде кадар од Сарај. И владејачката Вреди ќе излезе со кандидат за метрополата иако со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ има договор за меѓусебна соработка во некои општини, односно уште во првиот круг од изборите да одат со поддршка на кандидатот што ќе го номинира ВМРО-ДПМНЕ, односно Вреди. Таков договор ВМРО-ДПМНЕ има и со ЗНАМ, каде што уште во првиот круг ќе го поддржат актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитровски и кандидатот за Центар, најверојатно Мирослав Лабудовиќ.
Скопје, пак, ќе биде исклучок од стратегијата на владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и Вреди зашто, прво, Европскиот фронт ќе оди со свој кандидат, и второ, номинацијата за градоначалник на метрополата влече гласови за советничките листи.
Извесно е и дека Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари на локалните избори ќе настапи на заеднички советнички листи со Европскиот фронт иако главниот тригер за раздружувањето на Таравари со партнерите од Вреди, а потоа и излегувањето од Владата на Мицкоски, беше дека инсистираа да одат со посебни советнички листи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот