Маалски полицајци има, кој ќе ги најде, нека им се јави

Маалските полицајци веќе 22 месеци, како што тврди МВР, шетаат по улиците низ градовите и сите населени места ширум земјава и патролираат. Нивната задача е, велат од полицијата, да ги намалат криминалот и девијантните однесувања во земјава. Превентивно, нивна задача е да интервенираат секогаш и секаде каде што има нарушување на законот и на јавниот ред и мир, без разлика на време и место. Но, дали позорникари има и дали тие го намалија криминалот? Како стојат работите на терен?

Пиромани запалија 20 возила во Штип, а МВР се уште не ги откри. Во Скопје се палат новите контејнери вредни 1.500 евра, но МВР не знае кој тоа го прави. Дрски разбојници шетаат и ограбуваат по улица, а нивното откривање е еднакво на можноста да добиете на Лото. Иако е забрането, се палат стрништа и шуми, а полицијата никаде ја нема да открие кој пали и потпалува. Во Велес вчера среде бел ден во центарот на градот беше ограбена пошта, но маалските полицајци како да ги немаше. Се ограбуваат казина, обложувалници и банки, а навременото спречување на ваквиот вид на криминалитет е еднаков на нула. По главните сообраќајници се вози како на рели трки, а по маалата има повеќе дилери и наркозависници отколку чувари на редот. Сета оваа девијација и таа ненабројаната требаше да ја спречи помпезно најавуваната маалска полиција, кај народот позната како позарникари.

Враќањето на позарникарите беше стара желба на граѓаните кога личната и семејна безбедност беше на прво место. Актуелната Влада на Република Македонија во својата „Предлог програма за работа 2017 – 2020“ многу помпезно го најави враќањето на позарникарите во нашиите маала.

Во владиното ветување меѓу другото беше напишано дека Владата на Република Македонија ќе работи посветено на департизација на полицијата и борба против корупцијата, непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, а ќе има ефикасна броба против корупцијата и отчетност и транспарентност во работата на полицијата.

„За таа цел Владата на Република Македонија ќе го возобнови концептот на полицаецот-позорникар на улиците во населените места. Тој ќе биде заштитник – достапен за граѓаните и нивните потреби. Јакнењето на довербата помеѓу полицијата и граѓаните е предуслов за безбедноста на граѓаните. Владата ќе поддржи механизми за мониторинг над полициското постапување во случаи на директна или индиректна инволвираност на полицијата во општествено непожелни дејствија. Еднаквоста пред законот мора да биде гарант за безбедноста на граѓаните. На полициското работење ќе се гледа како заштита, а не како закана“ ветуваше Владата.

Позарникарот или маалскиот полицаец како проект започна во февруари минатата година. Стартот на проектот беше во Куманово, а заврши во Скопје. На пример вкупно 70 позорникари на 17 позорни реони патролираат низ кумановските улици. Во Скопје овој број надминува тристотина. Враќањето на маалските полицајци од полицијата го оценуваат како голем успех за полицијата. Според нивните анализи, се постигнувале зацртаните мерки, меѓу нив и намалување на стапката на криминалитет во земјава.

– Целта на проектот маалски позорникар беше и сега веќе на дело се спроведува постојаната и поблиска комуникација на полицајците со граѓаните се со цел да се зголеми безбедноста. Улогата на позорниот полицаец е навистина посебна. Позорниот полицаец е на одреден реон и ги запознава сите луѓе со кои што работи. Негова работа е да биде во постојана комуникација со граѓаните и тој е полицаец, меѓутоа има одреден реон во кој што работи и е многу значаен, од тој аспект не е обичен полицаец, туку е полицаец од исклучителна важност за работење на полицијата и во превентивата – велат од полицијата.

Граѓаните во земјава се со поделени мислења околу успехот на полицијата. Некој велат дека со враќањето на маалските полицајци се намалил криминалитетот во земјава, други пак велат се останало по старо.

– Само слушаме на вести дека пиромани палат контејнери. Каде се полицајците? Се обиваат домови, се ограбуваат продавници, пошти и банки како да сме Дивиот Запад. Постојано читаме има дрски разбојништва на улиците. Се намали бројот на грабежи, разбојништва и кражби? Според мене не. Не се намали ниту бројот на зависници и дилери. Не исчезнаа уличните трки на бесните возачи на мотори и возила, ниту пак се стиша гласната музика од локалите во доцните вечерни часови. Уште повеќе пак не се зголеми безбедноста во сообраќајот, а не се намалија ниту бројот на оштетување на објекти и предмети од јавно добро. Се чуствувате ли безбедно во местото каде живеете? Јас не. Иако во општина Аеродром каде јас живеам видливо на булеварите е присуството на полициски возила, се чувствувам како во нив да нема полицајци. Ги нема навечер да патролираат низ маалаата што нели им е работа, но затоа може да се сретнете со нив во некој угостителски бар или локал и да видите дека има седнато полицајци како одмараат. Не личи полицајци во униформа работното место да го заменат со седење во кафетерија, пиење кафе и гледање ТВ, не иде нели – коментира скопјанката Слоботка Аврамовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот