Лукровски со свои очи ги виде условите во „Пролет 1“ каде што се згрижени деца од две градинки – таму сѐ било во ред
На средбата со директорката на „Пролет 1“ било констатирано дека згрижувањето на децата од двата објекта се реализира редовно и организирано, при што се преземале сите потребни мерки за обезбедување на безбеден и квалитетен престој на најмладите.
По многуте реакции на родителите дека во градинката „Пролет 1“ се сместени дечиња во поголем број отколку предвидениот капацитет, односно и децата од градинката „Пролет – Канела“ додека се гради нивниот објект, денеска градинката ја посети градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски.
Препорачано
Како што известија од Општината, градоначалникот имал работна средба со директорката на градинката „Пролет“, на која се разговарало за тековното фукционирање и за условите за престој на децата во периодот додека се изгради новиот објект.
И како што можеше да се очекува, било утврдено дека таму е сѐ е во најдобар ред.
На денешната средба беше констатирано дека згрижувањето на децата од двата објекта се реализира редовно и организирано, при што се преземаат сите потребни мерки за обезбедување на безбеден и квалитетен престој на најмладите. Воедно, се разговараше и за тековните потреби на градинката, како и за активностите кои се преземаат за да се обезбеди непречено згрижување на децата до завршувањето на новиот објект на градинката – соопштија од Општината.

Колку за потсетување, родители на деца од матичниот објект се жалеа дека децата се згрижени во несоодветени услови, дека на дел од нив креветчињата им се сместени на бината во салата, дека таму престојуваат затоа што шесте занимални немаат доволно капацитет да ги примат и постојните и новодојдените деца. Тие дури поднесоа и петиција до надлежните институции во која бараа преиспитување на одлуката за времено сместување во овој објект и на децата од „Пролет- Канела“.
Уште мината година беше најавено дека децата, додека им се гради градинката, ќе бидат префрлени во општинските бараки, кои беа пренаменети за таа цел. Но, како што објаснија од Општина Карпош на нашите прашања зошто тоа не е направено, во координација со градинката, Општината и Министерството, било одлучено децата да престојуваат во објектот „Пролет 1”.
Според нив, овој објект дозволува да се прифатат повеќе дечиња и располага со услови за сите згрижени, а од голема важност, како што истакнаа, било и тоа што децата нема драстично да ја менуваат локацијата, бидејќи оние кои ја посетуваат градинката „Пролет – Канела”, односно „Пролет 2“, живеат во близина на објектот, а и градинката „Пролет 1”, е исто така во близина на нивното живеалиште.
По објавувањето на нашиот текст, децата кои спиеја на бина беа вратени во занимални, а реагираа и од градинката „Пролет 1“ негирајќи дека децата спијат „по ходници, на бина и во други несоодветни простории“.

Оттаму посочија дека капацитетот на објектот изнесува 200 деца, додека во моментот во градинката престојуваат 185 деца, односно бројот на згрижени деца е под утврдениот капацитет на установата. Но не кажаа колкав ќе биде бројот на деца од септември, со оглед на тоа дека дел од запишаните преку лето не одат во градинка.
Тврдењата за наводна пренатрупаност и надминување на просторните можности на градинката се целосно неосновани. Особено е важно да се нагласи дека во текот на летниот период бројот на присутни деца традиционално е значително помал поради користење на годишни одмори од страна на семејствата, што дополнително ги прави ваквите тврдења неаргументирани и спротивни на реалната состојба на терен. При планирањето и обезбедувањето на оптимален капацитет во останатите објекти поради реконструкцијата, вклучени се сите постоечки капацитети на останатите објекти и клонови во непосредна близина на објектот кој што се реконструира – беше, меѓу другото, наведено во реакцијата од градинката.
Изградбата на новиот објект на градинката „Пролет – Канела“ започна на 20 јуни и како што посочи тогаш заменикот на градоначалникот Неделчо Крстевски, станува збор за инвестиција во вредност од нешто повеќе од 137 милиони денари, а дека рокот на изградба е 120 дена. Значи децата би требало да се сместат во новиот објект кон крајот на октомври, доколку нема никакви проблеми при изградбата.
Од Општината тврдат дека активностите на новиот објект се одвиваат според предвиденото.
Градежните работи на новиот објект се одвиваат со силен интензитет и согласно предвидената динамика, а со завршување на изградбата ќе се обезбедат значително подобри услови за згрижување на децата во функционален и современ објект кој ќе одговори на потребите на најмладите карпошани – велат од Карпош.


