Лозарите го истураат грозјето, „Тиквеш“ не прима со помалку шеќерни единици

Фото: Фејсбук

Трактори натоварени со грозје што го истурија пред вратите на винарската визба „Тиквеш“ и незадоволни лозари кои извикуваа „уаа“ беше саботната слика од градот на виното – Кавадарци.

Пред денешната средба со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, претседателот на регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари“ Дане Јошев рече дека проблемот настанал откако одеднаш винарската визба „Тиквеш“ решила да не им го прими грозјето на лозарите кое е со помалку од 21 шеќерна едниница.

– Што да прават лозарите со тоа грозје? Тие нема кај да го носат дома и да го складираат. Затоа и го истурија. Минатата недела министерот за земјоделство Аријанит Хоџа рече дека е договорено смедеревката да се откупува за 11 денари, а вранецот за 13 денари. Смедеревката е со 16 до 17 шеќерни единици, а вранецот сега е со 18 до 19. Но, на терен грoзјето насекаде се откупува по цени од 10 до 11 денари. Од Земјоделскиот инспекторат ни беше ветено каде и да имаме проблем, дека за 30 минути ќе дојдат. Вчера цел ден вртевме, никој не ни одговара – рече Јошев.

Тој објасни дека вчера биле на состанок во „Тиквеш“ на која дигитално присуствувал и директорот Светозар Јаневски и дека тој прво им кажал дека не може да откупуваат грозје под 21 шеќерна единица, затоа што такво не им треба, а потоа „попуштил“ и рекол дека може да го откупат, но само по цена од 8 денари за да од него прават дестилат.

Ѓоко Крстев од Зрдужението на лозари „Неготино“ изјави дека за 1 хектар смедеревка и вранец се потребни 168.000 денари во готово да се дадат како трошок до берба и потенцираше дека протестот пред „Тиквеш“ нема ниту еден грам политика, туку е поради маката на лозарите.

– Ние бараме цени од 11, односно 13 денари за еден килограм и шеќерните еиници да бидат 16 денари за смедеревка и 18 денари за вранец – рече Крстев.

Градоначалникот на Кавадарци Мито Јанчев рече дека се изненадил од случувањата пред „Тиквеш“ и од тоа што одеднаш се побарале повисоки шеќерни единици.

– Шеќерните единици се менуват од ден на ден. Тоа треба да биде прецизирано во правилниците од страна на Министерството за земјоделство. Ние 25 години ја гледаме маката на лозарите, скоја година ветуваме исто, затоа најдобро и ништо да не се ветува кога не се иполнува – рече Јанчев.

Од Винарската визба „Тиквеш“ преку соопштение рекоа дека „прекинот на откупот на грозје беше предизвикан од неколкумина поединци кои на крајно некоректен и насилнички начин го блокираа влезот на винарницата и со тоа им попречија на над 200 вистински лозари кои денеска беше планирано да го предадат своето грозје во „Тиквеш“.

„За да биде ситуацијата уште поапсурдна, поединците кои насилно и на највулгарен начин го блокираа влезот во винарницата и притоа нанесоа материјална штета, всушност се обиделе да манипулираат со квалитетот на грозјето кое имале намера да го предадат во „Тиквеш“. Имено, грозјето што сакале да го предадат за откуп било со многу понизок квалитет и воопшто не одговарало на мострите кои претходно ги презентирале, со што при стручната проценка на квалитетот ова грозје немало соодветни карактеристики за од истото да се произведе ниту вино ниту дестилат а со тоа не можело да ја постигне цената која тие ја очекувале. Винарската визба „Тиквеш“ останува децидна во својата определба дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува, затоа што од тоа зависи квалитетот на вината што ги произведува кој секогаш мора да биде врвен“, соопштија од „Тиквеш“.

Оттаму велат и дека „Тиквеш“ гарантира дека од својата страна и понатаму ќе продолжи доследно да ги почитува сите преземени договорни обврски кон лозарите, но истовремено го очекува истото и од своите партнери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот