Лотарија испрати демант за медиумските написи каде што е цитиран Државниот завод за ревизија?!
Образложение за демантот е: не е направена јасна и суштинска дистинкција помеѓу периодот на управување од страна на претходното раководство од СДСМ и ДУИ и периодот на работење под новото раководство
Во врска со објавените медиумски написи во кои се тврди дека Државниот завод за ревизија утврдил значителни неправилности во финансиското работење на Акционерското друштво за приредување игри на среќа – Државна лотарија на Република Северна Македонија за 2024 година, без притоа да се направи јасна и суштинска дистинкција помеѓу периодот на управување од страна на претходното раководство од СДСМ и ДУИ и периодот на работење под новото раководство, Државна лотарија на Република Северна Македонија најостро реагира и го доставува овој демант.
Препорачано
Ова е првата реченица во демантот/соопштение што го испрати Државната лотарија, откако медиумите направија новинарски текстови врз основа на Извештај од Државен завод за ревизија, преполн со наброени неправилности и сомнежи за злоупотреби на пари.
„Објавените наводи се неосновани, тенденциозни и нецелосни, бидејќи во нив свесно или несвесно не е направена временска и управувачка разграниченост помеѓу периодот во кој Друштвото било управувано од претходното раководство од СДСМ и ДУИ и периодот во кој управувањето и одговорноста ги презема новото раководство. Ваквиот пристап создава погрешна слика во јавноста, која доведува до манипулативно поврзување на констатации од различни временски периоди и претставува сериозно отстапување од принципите на објективно, точно и одговорно информирање“, пишува во демантот.
Оттаму нагласуваат дека новото раководство, веднаш по преземањето на функцијата, проактивно и транспарентно се обрати до Државниот завод за ревизија со Барање бр. 02-6328/1 од 12.09.2024 година, со кое иницираше целосна ревизија на финансиските извештаи и на целокупното работење на Друштвото, со цел утврдување на фактичката состојба, идентификација на евентуални неправилности наследени од претходното раководство и воспоставување засилен систем на финансиска дисциплина, отчетност и законитост.
„Во тој контекст, селективното пренесување на поединечни делови од ревизорскиот извештај, без јасно наведување на временската рамка и одговорното раководство, претставува недозволива медиумска интерпретација која директно го нарушува угледот на Друштвото и на актуелното раководство. Оттука, бараме од медиумите кои објавиле вакви содржини веднаш да ги повлечат или коригираат неоснованите и нецелосно интерпретирани наводи, јасно да направат дистинкција помеѓу периодот на управување на претходното раководство од СДСМ и ДУИ и периодот на новото раководство, и да го усогласат својот текст со принципите на вистинито, целосно и објективно информирање на јавноста. Во спротивно, Државна лотарија на Република Северна Македонија ќе биде приморана да ги искористи сите расположливи правни средства, вклучително и покренување постапки за клевета и нарушување на угледот, согласно важечките закони. Новото раководство на Државна лотарија на Република Северна Македонија останува цврсто определено кон транспарентно, законито и одговорно работење, како и кон целосна соработка со сите надлежни институции, но истовремено ќе реагира решително против секој обид за дезинформирање на јавноста и политички или медиумски манипулации“, велат од Лотарија.
Во Извештајот на Државниот завод за ревизја никаде не е спомнато време на владеење на СДСМ и ДУИ и време на владеење на ново раководство.
Ревизорите се сомневаат дека во Државната лотарија имало злоупотреба на пари


