Ревизорите се сомневаат дека во Државната лотарија имало злоупотреба на пари
Во 2024 година неуплатениот дневен пазар изнесува 748.000 евра. Постои сомнеж и за неисплатениот фонд на добивки за инстант лотарија, како и за непостоечки трансакции кај онлајн платформата
Во цела 2024 година Државната лотарија на Македонија има само две уплати на дневен пазар, што отвора сомнеж за злоупотреби, забележува Државниот завод за ревизија. Извештајот срочен на 50 страници е полн со бројки за кои ревизорот се изјаснил дека отвораат сомнеж.
Препорачано
„Со извршената ревизија, се воздржуваме од изразување на мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и изразивме неповолно мислење за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики“, пишува во Извештајот на Државниот завод за ревизија.
Оттаму потенцираат дека постои сомнеж за можни злоупотреби и неправилно работење со паричните средства во готово. Во сметководствената евиденција има нелогични книжења за непостоечки трансакции, а износот на неисплатениот фонд на добивки за инстант лотарија според централниот онлајн систем се разликува од истиот во сметководствената евиденција
Ревизорите утврдиле и конкретни бројки. Откриле дека во 2024 година неуплатениот дневен пазар изнесува 748.000 евра!
„Со анализа на движењето на уплатите и на исплатите на сите платежни сметки што друштвото ги има отворено во повеќе деловни банки, констатиравме дека уплатените износи на наведените датуми не се од примените парични средства во готово – дневен пазар, туку претставуваат средства што во претходниот период се префрлани од една на друга платежна сметка, за да потоа бидат подигнати како готовина од една и уплатени како дневен пазар на друга сметка. (…) Отсуството на редовна уплата на паричните средства од остварен дневен пазар во благајната и на платежна сметка, предизвикува нефункционално финансиско управување, ја нарушува финансиската дисциплина и претставува сомнеж за можна злоупотреба на парични средства“, пишува во Извештајот.
Паричните средства во готово за исплата на добивки од лотариските игри на среќа што не подложат на данок на личен доход (мали добивки) кај деловните соработници, Државна лотарија ги доставува преку Мастер дилер на неделно ниво согласно нивните потреби.
„Со извршената ревизија утврдивме дека од страна на директорот на Сектор за финансии и сметководство исплатени се аванси во износ од 13.971 илјади денари (227.000 евра н.з.) на деловни соработници за исплати на мали добивки, без притоа да се користат услугите на Мастер дилерот. За поголем дел од овие трансакции, во износ од 13.054 илјади денари (212.000 евра н.з.), доставени се несоодветни документи или воопшто не се доставени документи, поради што постои несигурност во однос на вистинитоста на настаните“, забележале ревизорите.
ДЗР во извештајот напишал и дека „од добиените „каса исплати‘‘ за 2024 година, на местото ,,примил‘‘ фигурира сличен потпис за секое продажно место“.
Кај онлајн платформата за игри на среќа е утврдено дека депозити во износ од речиси 1,5 милион евра се поврзани со непостоечки трансакции и нелогични книжења како: неисплатени добивки за интернет-игри на среќа за 2024 година во износ од 1,1 милион евра; неоправдано намалување на обврска за данок на личен доход за исплатени добивки во интернет-игра на среќа во износ од 308.000 евра…
За „инстанти“ во 2023 и во 2024 година неисплатениот фонд на добивка изнесува 107.000 евра. Ревизорите забележале дека не е постапено во согласност со закон и тие пари не се пренесени во некоја наредна серија.
Забелешки има и во однос на вработените. Со 75 лица се склучени договори на дело и исплатени се средства по таа основа, иако ангажираните лица не доаѓале на работа и не извршувале работни задачи.
Ревизорите не наишле и на конкретни ставки за рекламирањето на Лотарија, за потрошените пари за организирање настан.
Направена е и анализа на закуп на деловен простор и констатирано е дека закупнината се зголемила за 13 пати за 4 години, од 42.000 евра во 2020 година на 544.000 евра во 2024 година.
Многубројни забелешки има и за јавните набавки, но и изразен сомнеж за тоа дали некои донации се од јавен интерес.


