Ликовното творештво на сликарот Среќко Здравковиќ беше претставено во Прилеп

Среќко Здравковиќ од Србија

Во рамки на меѓународната ликовна колонија „Дрен 2024“ во Прилеп, српскиот сликар Среќко Здравковиќ одбележа 50 години уметничко творештво. По тој повод, во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ беше поставена негова самостојна изложба на слики и цртежи. Уметникот беше и учесник на ликовната колонија „Дрен 2024“.

– Среќко ѝ пристапува на креативноста на најспонтан начин од голема љубов и чувство за сопствена дарба, покажувајќи дека она што го прави автентичен и препознатлив уметник е едноставниот креативен пристап и острото чувство за просторот и личноста во него. Овој едноставен принцип е толку сложено чист и во изразот и во духот… Со оваа изложба уметникот докажува дека е сосема точна изјавата дека уметниците кои се занимаваат со фигурација претставуваат ретки поединци. Фигурацијата е првенствено за оние кои точно знаат што сакаат, па затоа најмногу одговара на зрелоста на нивните верувања, но и на процесот на рано иницирање во тајните на уметничкото изразување… – е дел од критиката на д-р Соња Петровиќ, историчар на уметност, за творештвото на Здравковиќ.

Среќко Здравковиќ е дипломиран сликар и професор. Роден е на 15 мај 1957 година во Доњи Душник, во подножјето на Сува Планина. Основно училиште завршил во Параќин, гимназија во Чуприја, Виша педагошка уметничка педагогија, конзервација и реставрација во Белград и Академија за ликовни уметности во Нови Сад. Член е на УЛУС од 1985 година, како и на Меѓународната асоцијација на уметници (IAA AIAP UNESCO).

Самостојно изложувал околу седумдесет пати, групно изложувал на околу 500 изложби, учествувал и на голем број ликовни колонии и ликовни собири (околу 250 учества), како и на меѓународни симпозиуми за уметност (Словачка, Полска, Унгарија, Македонија).

Покрај уметничката работа, се занимава и со графички дизајн и педагошка работа (Отворено студио – уметничко училиште „Среќко“ за подготовка на ученици и студенти за продолжување на образованието од областа на визуелните и ликовните уметности).

Графички уредувал околу 150 книги, плакати, брошури, каталози, дизајнирал 100 меморандуми – заштитни знаци. Има извајано десетина портрети во бронза, реализирани неколку мозаици на цркви и насликани околу 50 икони и насликани цркви („ал-секо“ фрески).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот