Лидија Димова бара слобода, а нејзината пријава за злоупотребени 2.2 милиони евра европски пари уште е во предистрага

Поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова вложи жалба на пресудата со која првостепениот суд ја осуди на 2 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување и да врати 370 илјади евра. Димова бара Апелација да ја ослободи или да го врати предметот на повторно одлучување, додека Вишото јавно обвинителство бара пресудата да не се менува. Конечниот збор ќе го има Апелациониот суд Скопје, чија одлука уште не е донесена.

Во меѓувреме, нема абер од разрешница за злоупотребата тешка 2.2 милиони евра европски пари од програмата „Еразмус плус“ што ја откри и пријави самата Димова. За овие пари Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) побара да бидат рефундирани во касата, зашто биле злоупотребени од 2016 до 2018 година. Токму Димова, преку јавни настапи повеќе пати објасни дека таа е личноста што ја откри и пријави злоупотребата во Јавното обвинителство. Додека кривичната пријава што таа ја поднесе уште е во предистрага, во одделниот судски случај против неа, кој траеше повеќе од три години  ѝ беше забрането да врши дејност и професија и мораше да се јавува во судот како дел од мерките за обезбедување. Првостепениот суд ја ослободи Димова од второто обвинение и утврди дека не сторила измама на штета на средствата на европската заедница.

Обвинението против Димова беше поднесено во јуни 2022 година. Според Обвинителството Димова не ги почитувала начелата на законитост, еднаквост и јавност, па без да објави јавен конкурс овозможила повластување на повеќе надворешни лица со кои склучила поединечни договори и ги ангажирала како соработници, експерти и обучувачи.

Каква организирана шема на измама пријави Лидија Димова?

 

Димова почна внатрешна истрага преку која добила сознанија за 2.2 милиони евра злоупотребени европски пари од програмата „Еразмус плус“, за кои подоцна ОЛАФ побара Македонија да ги врати. Таа освен во Европската комисија, пријава достави и до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Самата кривична пријава содржи наводи против 23 лица, училишта, факултети, меѓутоа главната измама според наведеното во неа, се состои во тоа што две фирми пишувале проекти на сите овие ентитети, тие проекти подоцна биле одобрувани од Националната агенција преку нивни евалуатори, па парите оделе во училиштата, кои пак на јавни набавки ги доделувале овие пари во целост, до денар на двете фирми.

-Практично, парите наместо да завршат во некое училиште, завршуваа кај овие два економски оператори – изјави Димова во интервју за „Слободен печат“ пред две години.

Таа во текот на судската постапка против неа во повеќе наврати ги обвинуваше политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, односно велеше дека процесот против неа е политичка „монтировка“. Причината, како што повеќе пати изјави, ја гледа во тоа што му се спротиставила на екс-премиерот Зоран Заев и не ја повлекла кривичната пријава за злоупотреба на 2,2 милиони евра против 23 лица за злоупотреба на европски пари, меѓу кои првопријавеното лице било блиско до тогашната национална координаторка за евроинтеграции.

-СДСМ мораше да ја казни мојата непослушност зашто се спротивставив на партиското раководство кое бараше да ја повлечам кривичната пријава и да го исплатам другарот на Нола Исмаиловска, инаку првопријавен во кривичната пријава за злоупотребата на 2,2 милиони од Еразмус што државата ги врати лани. А ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, ме искористи како жртвено јагне за да го одвлече вниманието од нивната сопствена улога во оваа измама – порача Димова во завршните зборови пред 6 месеци.

Во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал „Слободен печат“ праша во која фаза е случајот со кривичната пријава на Димова за 2.2 милиони евра.

Предметот за кој покажувате интерес беше формиран по наводите содржани во Извештајот на ОЛАФ за можен судир на интереси и корупција поврзани со реализацијата на 23 проекти и истиот е во предистражна постапка. По наредба на јавен обвинител, Управата за финансиска полиција презема мерки и активности за прибирање и анализа на релевантна документација и податоци за сите 23 проекти, што претставува исклучително обемен материјал. Обвинителот постапувајќи со должно внимание редовно го следи текот на преземените активности и е во континуирана координација со службените лица кои постапуваат по издадената наредба. Се очекува набргу Управата за финансиска полиција да достави извештај до обвинителството, кој е неопходен за донесување на соодветна јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката. Обвинителството останува посветено на целосно расчистување на сите наводи, особено кога станува збор за средства поврзани со фондови на Европската Унија и евентуална злоупотреба на јавни средства, изјавија од ОЈО ГОКК за „Слободен печат“. 

 

Што содржи жалбата на Димова до Апелација за нејзината двегодишна затворска казна?

 

Пресудата од две години затвор и да врати над 370 илјади евра во Националната агенција, Димова ја доби во септември 2025 година. Оттогаш таа има поднесено жалба до Апелација поради повеќе елементи – дека Обвинителството во судница предложило да се врши вештачење за наводната штета предизвикана од постапувањето на Димова дури на крајот од расправата, после три години, а не на почетокот.  Одбраната на Димова смета дека судот погрешно ја утврдил штетата која се припишува на нејзиното директорување, како и дека таа во постапките за јавни набавки ги прифаќала предлозите од Комисијата за јавни набавки, а кога потпишувала патни налози и ангажирала лица, тоа го правела на предлог на Комисијата за избор.

Првостепениот суд во ситуација кога постојат две спротиставени вештачења не дозволи да биде изготвено супервештачење иако одбраната инсистираше на тоа, за да се утврди дали навистина е причинета некаква материјална штета и доколку е причинета колкав е нејзиниот износ. Затоа што, и покрај тврдењето на вештото лице ангажирано од страна на ОЈО дека цеколупниот износ кој е потрошен за некакви добра од страна на обвинетата претставува штета, затоа што наводно ги повредила процедурите и постапките за набавка на истите, сепак несомнено треба да се има во предвид дека за потрошените пари всушност за возврат се добиени некакви стоки, услуги или работи. Впрочем, и самото вешто лице ангажирано од ОЈО на расправа пред судот го објасни со негов пример, кажувајќи дека ако купувате круши и за парите кои ќе ги потрошите всушност добиете круши, не може да стане збор за некаква причинета штета сообено ако цената која сте ја платиле за набавеното добро е реална и пазарна, пишува во жалбата доставена до Апелација од адвокатот Зоран Молчанов.

Таму се додава дека самата Европска Унија која ги дава финансиските средства утврдила во своите извештаи дека Димова нема неправилности во работењето, а тоа го пишувало и во внатрешната ревизија. Авионските билети и ПВЦ прозорците за реновирање на просториите на Националната агенција, според одбраната биле со реална пазарна цена, а начинот на исплаќање на дневниците за службени патувања – во согласност со акт на Европската Комисија.

Сметаме дека обжалената пресуда не може да опстои и да се потврди. Ако ОЛАФ утврдил дека нема измама и штета по европските фондови, истото го вели и Основниот кривичен суд и ја ослободува Димова од таквото обвинение, останува нејасно како е таа виновна и задолжена да врати 370 илјади евра на Националната агенција, ако се има предвид дека парите што ги користи Националната агенција се од европските фондови, а нема дилема дека измама и штета по тие пари обвинетата нема направено, велат нејзините адвокати.

Обвинителството не се согласува со ова, поточно смета дека двете кривични дела се самостојни, со посебни обележја и не зависат едно од друго. Во текот на постапката условно беше осуден Александар Гочев, вработен во Агенцијата, со обврска да врати 15 илјади евра откако призна вина дека злоупотребувал пари на штета на европската заедница. Според неговото сведочење, парите што му биле исплаќани како да се за патувања, всушност се користеле за организирање настани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот