Левица и бојкотерите на пописот пукаат со ќор-фишеците на Груевски

Петрит Сарачини

Левица и нејзините пропагандисти повторно плукаат и пукаат врз 50-тина невладини организации, со испуканите националистички ќор-фишеци од 2015 година на избеганиот криминалец Никола Груевски – за организирање партиски попис во време кога пукаа „бомбите“ на Заев, и цела јавност ја дозна монструозноста на неговиот режим. Овие испукани куршуми веќе не проаѓаат во демократска и мултиетничка Северна Македонија.

Кога веќе „потсетуваат“, редно е да ја потсетиме јавноста зошто невладините организации беа против таа идеја на Груевски. Оти, многу луѓе во нашето општество имаат навика брзо да забораваат.

Имено, во 2015 година, кога Груевски ја даде оваа „бравурозна“ ќор-фишек идеја, на големо пукаа „бомбите“ на Заев, односно, се објавуваа разговорите кои ги прислушувал Груевски и неговиот братучед, сега веќе осудениот и затворен тогашен шеф на тајната служба, Сашо Мијалков.

Преку овие објавени разговори од тогашната опозиција, пред целата јавност се слушнаа и соголија монструозните димензии на режимот, кој прислушувал над 20.000 граѓани, политички опоненти, новинари, интелектуалци, граѓански активисти, затворал луѓе, крадел избори и стотици милиони евра од парите на граѓаните.

Со овој ќор-фишек, Груевски се обиде да ја замајува јавноста и да го дефокусира нејзиното внимание од криминалот на столетието и разоткривањето на неговата диктатура.

Освен тоа, да не заборавиме – идејата на Груевски беше да спроведе попис по стара методологија, со партиско тело на негово чело, исто како во 2011 година.

И, најважното: Со овој ќор-фишек, Груевски сакаше да избега од одговорноста за неговиот страшен криминал и заробување на општеството, водејќи ја приказната кон неговата омилена тема и политика за владеење – поттикнување на поделби и меѓуетничка омраза.

Груевски брзо ја заборави идејата за пописот, бидејќи набргу потоа „му текна“ една уште „подобра“ идеја. Да ја злоупотреби таканаречената „Тиранска платформа“ за да ги подигне до максимум етничките тензии во земјата, откако ја прифати истата, но Али Ахмети и ДУИ го оставија да „виси“ на прозорецот од неговата шампита-палата од лажен мермер, гипс и стиропор.

Како заврши таа идеја на Груевски, видовме на 27 април 2017 година. Со крвав упад во Собранието, обид за државен удар, за убиство на пратеници и за поттикнување меѓуетничка војна во земјата.

Сега, радикалните националисти и десничари предводени од лажната „Левица“, се обидуваат повторно да пукаат врз невладините организации  и да го стигматизираат граѓанскиот сектор, но уште поважно – да ги продлабочат поделбите и меѓуетничката омраза, користејќи ги испуканите ќор-фишеци на Никола Груевски. Оти, во тие води најдобро „пливаат“ и мислат дека им носат најголем ќар.

Нека ми простат, ама, ако тие и нивните идоли паметат триесет секунди и преку жестока пропаганда и перење мозоци довеле до состојба и дел од граѓаните да се однесуваат така и да им веруваат, има некој што памети троа подолго.

Овие испукани куршуми, едноставно, веќе не проаѓаат во демократска и мултиетничка Северна Македонија.

Преземено од Цивил медија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот