Лекарската комора го поддржа Законот против пушењето
Лекарска комора како професионална организација која ги обединува лекарите од сите нивоа на здравствената заштита, дава поддршка за новиот предлог-закон за заштита од пушењето и за мерките што со него се воведуваат, а се со цел унапредување на јавното здравје и заштита на населението, особено на децата, младите и ранливите групи.
Препорачано
Докторите секојдневно се соочува со последиците по здравјето од употребата на тутунски и никотински производи и изложеноста на чад. Кардиоваскуларните заболувања, малигните болести, хроничните белодробни состојби и бројни други здравствени проблеми директно или индиректно се поврзани со пушењето и претставуваат сериозен товар и за поединецот и за здравствениот систем. Следејќи ги добрите европски практики, Лекарската комора смета дека новите мерки за контрола на тутунските и никотинските производи, како и заштитата од пасивно пушење, значително ќе придонесат за намалување на бројот на нови корисници на овие производи (особено кај младите); ефикасна заштита на непушачите во затворени простории и создавање здрава животна и работна средина. Здравјето на граѓаните мора да биде над сите други интереси. Веруваме дека доследното почитување на законските ограничувања ќе резултира со помал број хоспитализации и долгорочни придобивки за целото општество, велат оттаму.
Од Лекарската комора посочуваат дека остануваат подготвени активно да учествуваат во креирањето на јавна свест за опасностите од употребата на никотински и тутунски производи, како и да дадат поддршка за мерките кои водат кон поздрава, побезбедна и посовесна заедница.


