Легендарниот водител на „Квискотека“ Оливер Млакар денеска полни 90 години: Откри како и со кого ќе го прослави
Иако во текот на кариерата што траеше речиси половина век водеше различни формати, легендарниот водител Оливер Млакар ѝ е најпознат на регионалната публика по познатата „Квискотека“. Денес, тој живее во вила во Самобор и не се жали на здравјето, пишува „24сата.хр“.
Препорачано
– Добро сум. Оваа година нема да има прослава, а роденденот ќе го обележам во кругот на семејството и со нашите драги кучиња. Сопругата ќе ми испече кремаста торта што ја обожавам и така мирно ќе помине мојот ден. Пензионирањето го поминувам мирно во близина на Самобор. Сè уште редовно го следам „Дневник“, но повеќе немам чести контакти со колегите. Оваа година нема да одам на море – рекол легендарниот водител.
Млакар изјавил за „Вечерњак“ дека нема повторно да дојде на телевизија дури и ако некој му понуди добар телевизиски проект и хонорар. Тој верува дека свој придонес во телевизијата го дал.
Остави голем белег во новинарството и водителската работа. Ја водеше „Квискотека“ и постави недостижни стандарди со Иван Хетрих. Со Стево Карапанџа ја водеше „Малите тајни на големите мајстори на кујната“. Работеше и во „Дневник“.
Кога ги наполни годините што му беа потребни за пензионирање, од ХРТ веднаш го испратија дома. Тоа беше во 2003 година, а некое време водеше емисии на други телевизии. Живее во село до Самобор со сопругата Дуња. Оливер и Дуња имаат две ќерки, Маша и Ива. Маша е докторка по археологија и живее во Велика Британија, а Ива е претприемачка во Загреб.


