Легендарниот Нил Јанг го напушти Фејсбук: „Начинот на кој комуницираат со децата е неопростлив“
Кантавторот Нил Јанг (79) објави дека го напушта Фејсбук поради внатрешните политики на платформата поврзани со комуникацијата меѓу вештачко-интелигентни (ВИ) чат-ботови и деца, пишува „Њујорк пост“.
Препорачано
„На барање на Нил Јанг повеќе не го користиме Фејсбук за никакви активности поврзани со него. Користењето чат-ботови од страна на ‘Мета’ во комуникација со деца е неопростливо. Г-дин Јанг не сака да има никаква понатамошна поврзаност со Фејсбук“, стои во објавата.
Истата објава беше споделена и на социјалната мрежа Инстаграм.

Одлуката на пејачот пристигна истиот ден кога „Ројтерс“ дојде до интерни документи на „Мета“, матичната компанија на Фејсбук, во кои се откриваат политики за однесувањето на нивните ВИ чат-ботови во разговори со деца. Според тие документи, „Мета“ им дозволила на чат-ботовите да „вклучат дете во разговори со романтична или сензуална природа“.
Во нив наводно биле наведени и примери што би било прифатливо, а што не. „Прифатливо е да се опише дете со термини кои сведочат за неговата привлечност“, пишува во еден пример. Во друг стои: „Неприфатливо е да се опишува дете помладо од 13 години на начин кој би укажувал дека е сексуално пожелно.“
Американскиот претседател Доналд Трамп го нарекуваше Јанг свој омилен музичар, а сега пејачот му се заканува „со цементен под и алуминиумско ќебе“.
Портпарол на „Мета“ инсистираше дека „примерите и белешките се погрешни и во спротивност со нашите политики“ и дека веќе се „отстранети“.
„Имаме јасни правила за тоа какви одговори можат да даваат ВИ ликовите, а тие правила забрануваат содржини кои сексуализираат деца и забрануваат сексуализирани улоги во комуникација меѓу возрасни и малолетници“, стоеше во изјавата.
Слично соопштение даде и самата компанија „Мета“.
„Покрај самите политики, постојат стотици примери, белешки и напомени кои ги одразуваат внатрешните дискусии на тимовите за различни хипотетички сценарија“, додаде нивниот претставник.
Ова не е првпат Јанг да се повлече од некоја платформа поради етички причини. Во 2022 година ја повлече својата музика од Спотифај поради тоа што Џо Роган, во својот популарен поткаст, ширеше дезинформации за вакцината против ковид-19.
„Искрено се надевам дека и други музичари и издавачки куќи ќе го напуштат ‘Спотифај’ и ќе престанат да го поддржуваат нивното смртоносно ширење дезинформации за ковидот“, напиша тогаш Јанг, кој минатата година сепак се врати на Спотифај.
„Spotify“ избра страна: Отстранета музиката на Нил Јанг, задржани подкастите на Џо Роган


