Халк Хоган / Фото: Profimedia

Легендарниот борач Халк Хоган почина на 71-годишна возраст

Халк Хоган, една од најголемите ѕвезди во историјата на професионалниот кеч и човекот кој ја претвори Светската федерација за кеч (World Wrestling Entertainment) во глобален феномен, почина денеска на 71-годишна возраст.

Според информациите на Ти-ем-зи, во неговиот дом во Клирвотер, Флорида, била повикана итна помош поради срцев удар. Медицинскиот тим пристигнал на лице место и го однел со носилка во амбулантно возило.

„Светската федерација за кеч со голема тага ја пренесува веста дека членот на Куќата на славните, Халк Хоган, почина. Како една од најпрепознатливите фигури во поп-културата, Хоган ѝ помогна на федерацијата да добие глобално признание во осумдесеттите години. Федерацијата изразува искрено сочувство до неговото семејство, пријателите и фановите“, се наведува во соопштението објавено на мрежата Икс.


Хоган, со вистинско име Тери Болеа, се прослави во осумдесеттите години со својот препознатлив лик на патриотски херој преку феноменот „Халкаманија“. Со својата харизма и енергија, ја трансформираше Светската федерација за кеч во водечка организација за боречка забава на светско ниво.

Роден во Огаста, сојузната држава Џорџија, во 1953 година, Хоган имаше две деца, Брук и Ник, од првиот брак со сопругата Линда, со која се разведе во 2007 година. Во 2010 година се ожени со Џенифер Мекданиел, но и овој брак заврши со развод во 2022. Во 2023 година, Хоган стапи во брак со Скај Дејли.

Минатата година, во јули 2024, се појави на Националната конвенција на Републиканската партија, давајќи поддршка на претседателската кампања на Доналд Трамп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот