Миле Лефков со нови сознанија за Броило/Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Лефков открива нови сознанија за „Броило“: Соларниот картел на Ковачевски добива државна помош додека тој е премиер

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков излезе со нови сознанија за бизнисите на премиерот Димитар Ковачевски и фирмата Пиксел груп чиј основач бил пред да ја преземе премиерската функција. Според опозициската партија „соларниот картел е создаден преку исклучителна трговија со влијание со злоупотреба на државни позиции и функции“.

-Сомневањата се дека Ковачевски и кумот формирале приватна фирма за производство на фотоволтаици за да продаваат на државната ТЕЦ Осломеј. Односно, Кумот и Ковачевски формираат компанија, а државата обезбедува милионски бизнис, тврди Лефков.

Тој ги објаснува и чекорите кои ги направиле со приватната фирма:

-Осум месеци по седнувањето на Ковачевски на премиерското столче, на 24.08.2022 година, од него основаната Пиксел груп основа фирма за изградба на фабрика за фотоволтаични панели во ТИРЗ Тетово заедно со бугарската фирма АЕ Солар Хорајзон од Софија, под името АЕ Солар АД Тетово. АЕ Солар АД Тетово, според написите во медиумите е инвестиција во висина од 54 милиони евра. Во неа уделот на фирмата основана од Ковачевски е 40%, делот кој таа според ова ќе го инвестира во фабриката е 21.6 милиони евра. За извршен член на одборот на директори е именуван кумот на Ковачевски, Горанчо Паунов, а за неизвршен член на одборот на директори, Мирјана Паунова, негова сопруга, кума на Ковачевски. Дури и бугарската фирма партнер на соларниот картел е формирана откако Ковачевски станува премиер во Македонија, информира Лефков.

Тој нагласи дека компанијата партнер на Пиксел Груп – Солар Хорајзон АД Софија е формирана на 24.03.2022 година, речиси 4 месеци по назначувањето на Ковачевски за премиер со 15 илјади лева основачки капитал.

Од партијата која ја обелодени оваа афера прашуваат дали бугарската фирма партнер е основана практично само за партнерство со Пиксел груп и колку тоа ќе ја чини ова Македонија?

-Владата треба да потпише и договор за државна помош со фирмата во која Пиксел груп, формирана од Ковачевски е 40% сопственик. Имено доколку АЕ Солар АД Тетово, добие државна помош тоа ќе значи дека премиерот Ковачевски потпишува државна помош за фирма во сопственост на фирма основана од него, а застапувана од неговиот кум. Ова не е прв пат кога фирмата основана од Ковачевски зема државна помош. Пиксел груп има 8 исплати од државата од 2019 година до 2021 година, 8 исплати од државата, а за половина од тоа време Ковачевски е заменик министер за финансии. Во овие 8 исплати исплатени се вкупно 443 илјади евра, а во периодот од 2020 до 2021 година исплати се вршени и од Фондот за иновации во вредност од 70 илјади евра, и тоа е исто така време во кое Ковачевски е заменик министер за финансии. Во дел од овие исплати Ковачевски веќе е мандатар за состав на новата Влада, тврди Лефков.

Премиерот Ковачевски вчера нагласи дека тој транспарентно пријавил во неговиот анкетен лист се што поседува, додавајќи дека неговата комплетна биографија е достапна и во Собранието, во моментот кога бил избран за заменик-министер за финансии, а потоа и за претседател на Владата, како и на социјалните медиуми.

-Се што сум работел во животот досега било најтранспарентно со оглед на тоа што вие како медиуми можете секаде во целиот медиумски простор да најдете како функционирале сите компании во коишто јас сум бил или директор или извршен директор или основач или коосновач, истакна Ковачевски и додаде дека со преземањето на политичката функција како заменик-министер за финансии, ги повлекол неговите финансиски средства од „Пиксел груп”, компанијата, во која бил основач и за која вели дека е многу горд.

Премиерот Ковачевски нагласи дека со продавањето на уделите тој таму повеќе нема никакви интереси, ниту какви било обврски во однос на управувањето или работењето на таа компанија.

-Она за што обвинува ВМРО-ДПМНЕ се е поставено во некакви прашални форми и се однесува на работењето на компаниите кога јас сум бил таму и кога сум излегол. Сето тоа е транспарентно, изјави вчера премиерот и побара од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски извинување за неоснованите напади врз него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот