Лани добивка, годинава загуба, ќе има ли пари за регрес?

Од ССМ се децидни дека на оваа тема нема да преговараат со Организацијата на работодавачите и дека нивниот став по ова прашање е јасен и е на иста линија со Владата.

Нема да има преговори меѓу ССМ и Организацијата на работодавачите да не се исплаќа К-15. Ставот на ССМ е јасен, велат од најголемата синдикална организација, регресот за годишен одмор треба да се исплати согласно утврденото во Колективните договори. Истовремено, потсетуваат дека ист став по ова прашање има и Владата.

– Исплатата на регресот за годишен одмор е право на работниците, а обврска на работодавачите, воспоставено по пат на социјален дијалог утврдена во Колективен договор! Ќе се погрижиме оние кои не исплаќаат регрес за годишен одмор ​ или бараат од работниците​ да ги​ вратат исплатените средства по овој основ кривично да одговараат – истакнува Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Деновиве премиерот Зоран Заев ги повика компаниите со загуба да исплатат К-15. Според него, претпријатијата, кои сега работат со намалени приходи, во претходните години акумулирале поголеми добивки, па затоа треба да се раздолжат со вработените.

– Законот и колективните договори регулираат дека компаниите кога покажуваат загуби, немаат обврска да исплатат К-15. Имаме компании кои до крајот на годината, ќе покажат загуба, но имаат акумулирана добра добивка од претходната година. Некои компании знаат дека имаат потенцијал, загубата да им биде покриена со успешен резултат во 2021-та. Заради тоа, препорачувам тие да водат грижа за работниците, кои се најважниот капитал во државата – рече Заев.

Претседателот на Владата додаде дека исплатата на регресот за годишен одмор ќе ја зголеми приватната потрошувачка и истовремено ја раздвижува економијата во земјата.

Ваквата негова изјава уследи по само една недела, откако одговарајќи на новинарско прашање, рече дека субјектите кои оваа година нема да остварат добивка нема да треба да исплатат К-15 на своите вработени.

– Законите и колективните договори се јасни и треба да се почитуваат до крај, а тие даваат бафер каде може флексибилно да се дејствува во делот на исплата на К-15. Оние правни субјекти кои нема да остварат добивка немаат обврска да исплатат К-15 и други издатоци. Таму каде ќе остварат добивка се должни да го почитуваат законот и КД – рече Заев.

Од ССМ очекуваат работодавачите да ја исполнат оваа обврска така како што е утврдена во колективните договори. Ова право за приватниот сектор од областа на стопанството е регулирано од 2013 година. Согласно член 35 од ОКД, регресот​ за годишен одмор се исплатува во ​ висина ​ од најмалку ​40 проценти од основицата,​ под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Инаку со растот на просечната плата во државата, најниската сума што компаниите оваа година треба да им ја исплатат на своите вработени како регрес за годишен одмор, изнесува 10.700 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот