„Лакомата меца“, па вежби со командоси во програмата за деца за Денот на независноста

Фото: Театар за деца и младинци / МВР

Владата попладнево ја објави комплетната програма за годинешното државно одбележување на Денот на независноста, 8 Септември. Покрај централната свеченост, за која од Владата најавија „изведби и музички солистички нумери од познати пејачи и групи, како и атрактивно шоу на диск-џокеј“, празникот ќе се одбележи и на десетина други локации.

Една од нив е и „Школка“ во скопскиот Градски парк, за каде во владината најава е закажана „манифестација која вклучува програма за деца“ од 11 до 14 часот. Во рамките на програмата, Театарот за деца и младинци ќе ја изведе куклената претстава „Лакомата Меца”, а потоа ќе има тактичко-показни вежби на единиците на армијата и полицијата. На настанот ќе бидат присутни министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На социјалните мрежи попладнево можеа да се прочитаат реакции околу изборот на програмата и необичната комбинација на куклен театар и вежби на командоси. Дел од граѓаните коментираат дека вооружени специјалци кои изведуваат вежби (кои најчесто вклучуваат вистинско или симулирано насилство) не се соодветно продолжение на програмата и претставата што веројатно ќе ја гледаат стотици деца.

Програмата за државно одбележување на Денот на независноста ја вклучува и културната манифестација „Отворен ден за граѓаните”, во чии рамки се обезбедува бесплатен влез за граѓаните во културните установи, музеи и галерии во целата Република. Сите заинтересирани граѓани, ќе имаат можност до 20:00 часот бесплатно да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби” и „Хераклеја”, Музејот Охрид и Куќата на Робевци, музеите и заводите во Прилеп, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија. Граѓаните и во Битола, имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука, како и Музејот на Западна Македонија во НОВ во Кичево. Во Скопје, ќе бидат отворени, со бесплатен влез за сите заинтересирани граѓани Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Музејот на современата уметност, како и Даут пашиниот амам и Чифте амамот“, информираат од Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот