Квас за спас

Тешко дека ќе стигнеме до влада за национален спас. Зашто, милоста на обликувањето заедништво, корисно за сите, нема шанси со безмилосното разобличување на нејзините делови, некорисно за никого.

Предлогот на премиерот Зоран Заев да се формира влада за национален спас во која би влегла и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, без лидерот Христијан Мицкоски, одекна како бомба и, првично, помина според очекувањата – не помина. Целата ситуација со спасоносната идеја заличи на еден стар виц. Седи човек покрај езеро и фрла во него кисело млеко. Поминува некој и му вели: џабе го потквасуваш, не фаќа, тоа е вода. Знам – одговара човекот – ама, па, замисли да фати!

Мицкоски недвосмислено, енергично, го отфрли предлогот: „Овие од власта ако мислат дека има најмали шанси за пакт со криминал и криминалци, тоа нема да се случи. Ќе бидете победени, тоа ви го ветувам. Македонската пролет доаѓа“, напиша од Инфективната клиника каде се лекува од ковид. Со тоа уште еднаш докажа дека нема ништо од обидот на „овие од власта“ за евентуално заедништво. Искуството потврдило дека вмровците дотурени во заеднички сад – во влада, на пример – со социјалдемократите се однесуваат, поточно се мешаат како масло и вода. Значи, нема шанси. Ама, па – што би рекол човекот од вицот – замислете некој вмровец да се измеша и – да прифати!

Во кусото образложение премиерот вели дека се решил на ваков чекор за да се здружи народот („премногу ни е поделен“); за да се департизира администрацијата („ако двете страни се внатре, клиентелизмот во судството и во администрацијата ќе исчезне“) и за да престанат блокадите во парлементот („се ќе се решава прво во Владата“). И, го наведе клучниот услов: лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да биде тргнат, исклучен од процесот: „Со господинот Мицкоски не се разговара. Ако кај нив има разумен човек, а кај нас нема, нека го тргнат и Заев, само двете партии да може да разговараат!“ Одредувањето датум за почеток на „преговорите“ и го препушти на опозицијата.

Бидејќи од приложеното е очигледно дека лидерите Заев и Мицкоски не сакаат, останува засега невидливата, теоретска, можност да разговараат раководствата на партиите. На една страна тоа на СДСМ, без Заев, на другата РАКОВОДСТВАТА на ВМРО-ДПМНЕ, едното без Мицкоски (жив и здрав, се разбира!), а другото без некој друг.

Таа опција се уште не е за фрлање во вода, зашто не само македонската, туку според најавите на 28 март доаѓа и вмровската пролет. Инцијативниот одбор за промени во најголемата опозициска партија тогаш ќе одржи конгрес на кој ќе бара оставка од актуелниот лидер. Можно е да изберат нов и, без разлика дали ќе биде признат според партискиот Статут и другите органи, не е исклучено тој да викне (не мора да клекне): кој сум јас да не преговарам за влез во владата?

Моќта и брзината се неразделно поврзани. Сеедно дали брзината ја создава моќта или моќта ти овозможува да бидеш брз. Брзината на разобличувањето спаѓа во сосема специфична брзина во борбата за опстанок. Политички, во случајов. Во парламантарната демократија гласањето е сила, а преговарањето моќ. Гласањето во парламнетот за доверба на владата (исто така по барање на Заев) брзо, молскавично, ја разобличи – како шпекулација – заканата на опозицијата дека има мнозинство со кое ќе ја урне власта. Сегашниот предлог може да значи брзо демаскирање – сведување на обични флоскули – на опозициските идеи за формирање влада на национален спас. Имено, откако во ноември Заев објави дека е поставена првата пречка од Бугарија, Мицкоски побара оставка и предложи „веднаш да почнеме да размислуваме за една идеја што ја почна Алијансата за Албанците, а тоа е една влада за национален спас“. Можеби Мицкоски сега не треба да брза, иако задоволството да пресудиш однапред и по кратка постапка е огромно. Но, се заборава дека и ќарот од препораката трипати да мери, еднаш сечи може да биде голем, зашто таа мачна процедура може да заврши без сечење!

Во секој случај, тешко дека ќе стигнеме до влада за национален спас. Зашто, милоста на обликувањето заедништво, корисно за сите, нема шанси со безмилосното разобличување на нејзините делови, некорисно за никого.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот