
Кумановската болница остана без возила за итна помош по синоќешната сообраќајка
Општата болница Куманово остана без возила за транспорт и итна помош, откако синоќа во сообраќајка во Скопје, при транспорт на пациент од Куманово, се преврте едно од возилата. Другите две возила се на сервис, а за уште едно се очекува да заврши тендерската постапка и да биде набавено.
Препорачано
Поради ваквата ситуација, раководството на болницата ќе мора да позајмува амбулантно возило од скопската Итна помош или од друго место, бидејќи во моментов нема ниедно.
Директорката на болницата, доктор Снежана Захариева, за „Слободен печат“ вели дека во амбулантното возило кое синоќа се преврте во Скопје, имало кардиолошки пациент којшто е пренесен на Клиниката за кардиологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а со него како придружба упатени биле и една медицинска сестра и возачот. Медицинската сестра е на опсервација поради повреди на раката.
На 21.04.2023 во 23.20 часот било пријавено дека во Скопје на крстосницата од бул.“Климент Охридски“ и ул.“Св.Кирил и Методиј“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило “фолксваген туран“ со скопски регистарски ознаки управувано од Ч.Д.(57) од Скопје и возило “мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки сопственост на Итна медицинска помош управувано од В.С.(23) од Куманово.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Ч.Д., а со телесни повреди се здобиле возачот на возилото од Итна медицинска помош, сопатничката од истото возило А.К.(40) и лицето кое се превезувало како пациент Ж.Ц.(72) двајцата од Куманово констатирани во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ и Градската општа болница “Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.