Култот за гладување во Кенија: „Мојата сопруга и шесте деца го следеа пасторот Мекензи“

Кенија / Фото EPA-EFE/STR

Кога лидерот на Меѓународната црква на добри вести, пасторот Пол Мекензи Нтенге, изјавил дека светот ќе заврши во 2023 година, сопругата на Кениецот Стивен Мвити му поверувала и му се придружила на култот со нивните шест деца.

45-годишниот Мвити сега е убеден дека неговото семејство умрело од глад.

Во источна Кенија полицијата ексхумираше 110 тела од масовните гробници на христијански култ чии членови се изгладнувале до смрт бидејќи верувале дека така ќе го сретнат Исус.

Сопругата на Мвити, Бахати Џоан, била бремена кога се приклучила на христијанскиот култ во август минатата година, земајќи ги со себе нивните деца: Хелен Карими (9), Самуел Киримил (7), Џејкоб Кимати (3), Лилијан Гатумби (18 месеци) и Анџелина Гатумба (седум месеци).

Мвити подоцна дознал дека неговата сопруга родила син во сектата, кој исто така починал. Таа била жесток следбеник на пасторот Мекензи од 2015 година и отишла во Шакахола за прв пат во 2021 година, а потоа постојано доаѓала и заминувала. 45-годишникот од децата кои избегале од култот дознал дека децата му починале.

„Тие ги препознаа од фотографиите. Ги знаеја нивните имиња и каде се закопани Џејкоб и Лилијан. Ми рекоа да не се обидувам повеќе да ги барам. Сите тие се мртви. Задоцнив”, рекол Мвити, а пренесе „Би-Би-Си“.

Истражителите досега мапираа 65 места во шумата Шакахола каде што беа закопани членовите на култот. Секој од нив содржел неколку плитки гробови со неколку тела. Некои од пронајдените тела биле завиткани во бела пластична фолија.

Оние кои ги откопале телата велат дека сè уште ги прогонува она што го виделе. Надлежните досега ископале 110 тела, но стравуваат дека бројката може да биде и поголема. Полицијата вели дека некои членови на култот, освен што биле изгладнети, најверојатно биле задавени или претепани до смрт со тапи предмети.

Титус Катана, кој успеал да побегне од сектата, рекол дека оние кои се обиделе да го напуштат култот ги нарекуваат предавници и дека поради тоа биле физички казнети. Тој, исто така, сугерираше дека постои ред по кој луѓето треба да умираат пред крајот на светот.

„Прво требаше да умрат децата. Потоа оние кои не се во брак, а потоа мајките и постарите лица. Верските водачи беа последни во редот“, рече тој. Мвити наведува дека слушнал приказни дека неговата сопруга само еднаш го доела неговиот новороден син, а потоа се задушил. “Слушнав дека го убиле мојот син. Наместо тагување, членовите на култот аплаудираа и се радуваа што се вознесе и го сретна Исус”, рече тој.

Полицијата трага по преживеаните членови на култот, а само тимовите за пребарување и спасување имаат пристап до шумата од 325 хектари во близина на крајбрежниот град Малинди. Нтенге се предал во полиција и бил обвинет минатиот месец, откако две деца под нивни родители умреле од глад.

Нтенге одби да јаде и пие во притвор, а во меѓувреме беше ослободен со кауција од сто илјади кениски шилинзи, а потоа повторно уапсен. Полицијата уапсила шест следбеници на Нтенге, а при претресот на неговиот имот пронашла 15 изнемоштени лица, од кои четворица подоцна починале.

Еден член на култот пронајден од властите продолжил да одбива да јаде и покрај тоа што е во очигледна критична состојба, рече Хусеин Калид, член на Хаки Африка, група за човекови права која го пријави случајот во полиција.

„Во моментот кога беше донесена овде, таа апсолутно одби да и биде пружена прва помош и цврсто ја затвори устата, всушност одби да и помогне, сакајќи да продолжи да постира додека не умре“, рече Калид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот