Куба: Ако Америка не би го чепкала својот Устав, зошто ние да го правиме тоа со нашиот?
Куба е спремна за „значаен“ дијалог со САД, но не е подготвена да разговара за промена на своето државно уредување, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Куба за „Си-ен-ен“ во средата, во време кога администрацијата на Трамп го засилува притисокот врз островот со говор за промена на режимот.
Препорачано
„Не сме подготвени да разговараме за нашиот уставен систем, исто како што претпоставуваме дека САД не се подготвени да разговараат за својот уставен систем, својот политички систем, својата економска реалност“, изјави Карлос Фернандес де Косиo.
Тој рече дека двете земји сѐ уште немаат воспоставено „билатерален дијалог“, но дека имало „одредени разменети пораки“ кои биле „поврзани“ со највисоките нивоа на кубанската власт.
Неговите изјави доаѓаат неколку дена откако американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД „би сакале да видат“ промена на режимот во Куба, иако не би делувале нужно во таа насока.
САД ја обвинија Куба за мешање во работата на американскиот дипломат во Хавана
Ова се случува и во време кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го засили притисокот врз карипскиот остров со обиди да ги пресече испораките на нафта. САД веќе ги нарушија испораките на нафта од Венецуела откако го симнаа од власт претседателот Николас Мадуро.
Минатата недела беше најавена закана со царини за земјите што извезуваат нафта во Куба, со образложение дека Хавана претставува „вонредна закана“ поради тоа што се усогласува со „непријателски земји и со злонамерни актери и овозможува присуство на нивните воени и разузнавачки капацитети“.
Де Косиo ги отфрли ваквите тврдења на САД.
„Куба не претставува никаква закана за САД. Таа не е агресивна кон САД. Не е непријателски настроена. Не засолнува терористи, ниту, пак, спонзорира тероризам“, рече тој.
Тој ги повика САД да ја ублажат кампањата на притисок, за која вели дека веќе ѝ нанесува сериозна штета на земјата.
Кубанците се соочуваат со постојани прекини на струја и со долги редици на бензинските пумпи поради намалените резерви на гориво. Кубанските власти велат дека постојните американски економски санкции во голема мера се виновни за слабата состојба во енергетскиот сектор, иако критичарите ја обвинуваат и долгогодишната недоволна државна инвестиција во инфраструктурата.
„Куба ќе размисли да даде некои жртви за да заштеди гориво“
Де Косиo рече дека Куба можеби ќе мора да размисли за мерки на штедење и за одредени жртви за да ги заштеди резервите на гориво, но не прецизираше колку точно има останато во државните резерви.
„Она што Куба го трпи е еднакво на војна, во смисла на економски присилни мерки“, рече тој.
Трамп изјави дека Куба би можела да избегне целосен прекин на снабдувањето доколку постигне „договор“, кој потенцијално би подразбирал враќање на имот конфискуван од кубански иселеници што го напуштиле островот по револуцијата во 1959 година.
Кубанците беа шокирани од американската операција во јануари со која беше заробен нивниот клучен сојузник, венецуелскиот лидер Николас Мадуро, а при што загинаа повеќе од 30 припадници на кубанските безбедносни сили што го штителе.
Кубанските власти најавија отпор кон секоја можна американска воена интервенција, додека државните медиуми прикажуваат засилени воени вежби, а паралелно трае дипломатскиот притисок врз сојузниците на Хавана.
Заменик-шефот на кубанската дипломатија порача дека дијалогот е подобра опција од присилата и дека, иако Куба нема да преговара за промена на режимот, е подготвена за соработка со САД во области од заемен интерес, како борбата против трговијата со дрога.
Тензии во Куба: САД ги предупредуваат своите граѓани да се подготват за протести


