КСП „Центар-Јадро“: Модел што продуцира богата културна програма

Минатата 2020 година, иако проследена со здравствена криза поради ковид-19, на програмски план беше исклучително плодна и богата за новиот Културно-социјален простор „Центар-Јадро“, сместен во реновираниот простор на месната заедница „Дане Крапчев“ во Општина Центар.

КСП „Центар-Јадро“ е нов модел на јавна установа од областа на културата формирана по принципот на граѓанско-јавно партнерство за потребите на заедницата. Установата заеднички ја основаа Општина Центар и „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена.

Со реализација на своите програмски активности КСП „Центар-Јадро“ почна веднаш по влегувањето во реновираниот простор на месната заедница „Дане Крапчев“ во февруари 2020 година. Првиот настан беше средбата и работилницата на учесниците на програмата „Тандем Вестерн Балканс“, а истиот месец беше отворена и изложбата „Училиште во парк“, во соработка со Архитектoнскиот факултет во Скопје и Општина Центар.

Пандемијата на коронавирусот и карантинот во март и април привремено ги стопираа програмите во физичкиот простор, но установата брзо ја преструктуираше програмата и во периодот од мај до декември реализираше многубројни настани на социјалните мрежи или во јавен простор. Во јуни беше организирана групната онлајн изложба „Да бидеме заедно додека сме разделени“ со учество на седум уметници – Иван Ивановски, Симона Манчева, Дарко Алексовски, Доротеј Нешовски, Елена Чемерска, Зорица Зафировска и Никола Узуновски, курирана од Јованка Попова, а во организација на Ѓорѓе Јовановиќ.

На инстаграм-профилот на установата во периодот јуни-ноември беше реализиран проектот „Инстаграм уметничка резиденција“, со кој секоја недела беше претставуван по еден автор или колектив со нови или рецентни дела, а свое претставување имаа уметниците Дарко Алексовски, Владимир Лукаш, Филип Велковски, Марија Конеска, Елена Чемерка и Ивана Мирчевска, Влатко Деков, Благој Варошанец, Сали Ертунч, Наташа Гелева, Јелена Белиќ, Кети Талевска, Ана Спасовска, Стефан Младеновски, Давор Кешкец, Диме Данов и Бурџу Мусли.

Во јуни 2020 почна и серијата на предавања и разговори од областа на филозофијата, социологијата, економијата и супкултурата. Во рамките на оваа програмска област беа реализирани разговори и предавања на етаблирани личности на релевантни теми поврзани со нашето секојдневие како: извори на популизмот, хибридизација на граѓански иницијативи, историја на даночни политики, младите и хип-хоп културата. Истиот месец почна и реализацијата на курсот за аудиопродукција воден од македонскиот рапер и едукатор во музичката продукција, Владимир Аговски-Аго. Во рамките на таа програмска активност беше реализиран и отворен конкурс за демо рап-песна на кој се селектирани шест автори кои имаа можност да ги реализираат своите демо песни под менторство на диџеј Гоце, Druggy и Владимир Аговски-Аго. Сите продуцирани траки ќе бидат објавени на мини-албумот „Рап Про – дел први“.

Проектот „Театар и интеграција“, кој се одвиваше во периодот мај-декември 2020, беше предводен од Ришард Ниечим, режисер и драмски автор, поранешен ученик и близок, доживотен соработник на Јержи Гротовски. Во јули почна серијата на концерти на млади соло-музичари и бендови, како Јоана Ристевска, Георги Шарески, „Heart on Sleeve“, Алембик, Херцел, Јордан Костов Квинтет, Хана Корнети, „Кобалт блу јунит“, додека во август беше емитуван серијалот на видеопортрети „Современи македонски писатели“, со кој беа претставени осум македонски автори од помладата генерација поети и прозаисти, какви што се Петар Андоновски, Румена Бужаровска, Ѓоко Здравески, Николина Андова Шопова, Ана Голејшка Џикова, Иван Шопов, Ненад Јолдески и Фросина Пармаковска.

Официјалното отворање на КСП „Центар-Јадро“ се случи со прес-конференција на 7 октомври 2020 година

Официјалното отворање на КСП „Центар-Јадро“ се случи со прес-конференција на 7 октомври, откако претходно беше реализиран првиот мурал на фасадата на центарот, чиј автор е ликовниот уметник Сали Ертунч. Во октомври, ноември и декември беа реализирани неколку самостојни и групни изложби, а во ноември од печат излезе и првата уметничка книга „Мала книга за мечтаење“, проект на визуелниот уметник Дарко Алексовски.

Во декември заврши снимањето на серијалот на презентации и разговори насловен „Македонски дизајнери“, со кој се претставува работата на Ласко Џуровски, Небојша Гелевски, Гадњим Мехмети, Игор Делов и Томи Џуровски, а видеата ќе можат да се видат на ФБ-страницата на КСП „Центар-Јадро“ оваа година, како продолжување на активностите на центарот од успешната 2020 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 66, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 30-31 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот