Крстовден се празнува во Манастирот во Рајчица

 По повод празникот „Воздвишение на Чесниот Крст – Крстовден” што е втора слава на манастирот „Свети Георгиј Победоносец”, во дебарското село Рајчица, ќе биде отслужена вечерна и утренска боголсужба, како и Света архиерејска литургија, со која ќе чиноначалствува епископ антаниски г. Партениј.

Празничната вечерна богослужба почнува во 18:30 часот. На крајот од вечерната богослужба, проследен од стиховите на празничниот тропар и раскошно украсен со цвеќе, ќе биде изнесен на вход крстот со честичка од Чесното Дрво и потоа повторно ќе биде внесен во олтарот.

-Утре во 07:30 часот ќе започне утрената богослужба. На крајот од утрената од светиот Престол, од олтарот, ќе биде изнесен сребрениот филигрански крст, во кој се вметнува крстот од времето на игуменот Арсениј со честица на Чесниот и Животворен Крст, а кој преку годината се чува во големиот кивот на Бигорскиот манастир. По чинот на Воздвижение на крстот, на верниците ќе им се даде можност и да се поклонат пред Живоносното и спасително Дрво на нашиот Господ Исус Христос, информираше сестра Ефимија.

Додаде дека во 9:00 часот ќе започне Света архиерејска литургија и ги повикува верниците сите заедно „победнички да го издигнеме Чесниот Крст на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, нашето оружје и нашата надеж за спасение, и откако ќе го прославиме, радосно да се причестиме со светите Христови Тајни”.

Поради состојбата со Ковид-19 се замолуваат верниците кои сакаат да дојдат и присуствуваат на богослужбите, да се придржуваат кон мерките на Владата за спречување и ширење на вирусот, што подразбира носење на заштитна опрема (маска, марама, шал и слично), како и држување на определеното растојание.

Оваа манастирска слава е поврзана со денот кога пред 19 години почна возобновувањето на конаците на дотогаш запуштениот манастир. Симболиката на тој ден беше уште поголема бидејќи, според преданието, токму на Крстовден биле поставени и темелите на стариот, претходен манастир.

-Сето тоа се случило по Божја промисла. Отец Партениј, кој на тој празник го благословувал возобновувањето, воопшто не знаел каква е врската меѓу празникот и манастирот. Дури кога завршило осветувањето отецот на влезот од црквата прочитал дека токму на Крстовден се поставени темелите и на поранешниот манастир, објасни сестра Ефимија.

На тој начин, овој празник длабоко се всадил во традицијата на ова светилиште кое сега е женски манастир и метох на Бигорскиот манастир. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот