Крос ги спореди Реал и Барселона: Во Мадрид би се смееле на казни за доцнење од пет минути
Поранешниот германски репрезентативец и легенда на Реал Мадрид, Тони Крос, во подкастот што го води со својот брат Феликс, сподели интересно размислување за дисциплината и точноста во фудбалските клубови.
Препорачано
Во разговорот, браќата Крос ги споредија различните пристапи на тренерите, а особено се осврнаа на епизоди од оваа сезона во Барселона.
„Кај Ханси Флик, некои фудбалери останаа без место во првиот тим затоа што задоцнија на состанок“, изјави Крос, алудирајќи на конкретни случаи со Жил Кунде и Ињаки Пења.
„Тоа се различни филозофии. Во Реал Мадрид на тоа би се смееле. Често не знаеш кој доцни повеќе, играчот или тренерот. Станува збор за различен менталитет. Да не дозволиш некој да игра само затоа што задоцнил пет минути е можеби премногу, такво нешто во Мадрид никогаш не би се случило“, додаде Геерманецот.
Сепак додаде дека ниту еден од пристапите не е погрешен: „Станува збор за различни стилови. И двата се прифатливи. Можеби би кажале дека пристапот на Флик е типично германски.“
Изјавата на Крос фрла ново светло врз културните разлики во управувањето со дисциплината во врвниот фудбал, но и потврдува дека дури и на највисоко ниво, секој клуб има свој „кодекс“ на однесување.


