Креативниот демон на Глупоста

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Акронимот ВМРО треба да се забрани за употреба во името на која било партија во Македонија. Без оглед како Македонците гледаат на историското значење на ВМРО: некои ја сметаат за славна, ментално здравите ја сметаат за срамна, но неспорно е дека таа е дел од националната историја, каде што единствено треба и да опстои.

Глупоста е – сите знаеме – крајно самобендисана, па глупавите се без исклучок длабоко суетни. Суетната глупоштија најдобро се препознава по две својства што се невозможни за сокривање, небаре како што се тоа и кашлицата или сиромаштијата. Првото предавничко својство на глупоста е нејзината навредливост: глупавите се навредуваат од сѐ и сешто, а најмногу се чувствуваат навредени кога ќе биде разоткриена нивната глупавост. Навредливоста – која е, се разбира, последица од ранливата самољубивост на глупоста – е секогаш забележителна кај глупавите, зашто никогаш не одмора; глупавите се подготвени во секој момент, од секоја изјава, текст, гест или збор, што се изговорени или чуени на медиумите, лично да се навредат; тие се во состојба да се препознаат на илјада мистериозни начини во некој збор, настан или порака, што конечно воопшто и не била наменета за нив.

Но, приказната за глупоста – особено за нашата македонска глупост – тука не завршува. Второто својство по коешто со сигурност се препознава суетната глупавост е навистина парадоксално: тоа е моќниот и неконтролабилен внатрешен порив да се скрие сопствената глупавост, што предизвикува однесување што уште повеќе ја истакнува глупоштијата! Веројатно се работи за еден вид психолошка автоимуна реакција со која кутрите зацаклени мозоци енергетски подигнати со желбата да се прикажат во нешто попаметно (што е трагично невозможно), во предимензиониран напор да се преправат и да ја замаскираат својата мана, самите ја растргнуваат сопствената камуфлажа, отворајќи така видлива и болна жива рана, како површинска изгореница.

Омразата како религија

Не треба, меѓутоа, да нѐ прелаже оваа поедноставена анализа, зашто така го  губиме од предвид најпотентното својство на глупоста: нејзината непредвидлива и несомерлива креативност. Оваа космичка креативност – која, инаку, најчесто се изразува како талент за неразбирање на работите или способност за грешење и каде што тоа изгледа дека е невозможно, или дури генијална интуиција да се утне поентата на најнепредвидливиот можен начин – глупоста ја употребува како испомош во прикривањето на горните лесно препознатливи својства, и тоа го прави навистина на маестрален начин. Имено, бидејќи најмногу од сѐ мрзи да биде препознаена или прикажана како ментална попреченост, Глупоста – и тука големата буква ја употребувам како израз на почит – на ингениозен начин својата малоумна природа, својата тешка невролошка ментална фалинка, ја претвора во емоција. И, со оваа магична алхемиска трансформација – чијашто основна мотивација во почетокот била обично затскривање – глупоста преминува во едно друго повисоко енергетско ниво, во една во сосем друга невролошка состојба, која веќе како да ја премавнала суетата или потребата да се затскрие сопствената ментална декапацитираност: во една високоенергетска, суперсоцијална и запалива емоција што е способна да обедини и хомогенизира милиони луѓе. Оваа моќна емоција е омразата!

Кога преку оваа чудовишна трансформација глупоста се престорува во омраза, таа не само што ја обезбедува својата закрила, своето маскирно борбено руво, туку ја обезбедува и трансформацијата на своите самодеструктивните енергии во емоционална енергија што е секогаш насочена нанадвор, кон другиот или другите. На тој начин глупоста својот проблем го екстернализира, та од автодеструктивен нагон го претвора во моќна социјална, потенцијално национална деструкција насочено кон надворешниот непријател. Така омразата станува не само емоција на социјалната хомогенизација на глупаците, туку и единствената политичка програма на нивните партии, по правило десничарски популистички партии, меѓу кои е – вие веќе знаете, нели – и нашата непрежалена вемеро.

Но, и тоа не е крајот на преправањето, односно на трансформациите на креативниот демон на Глупоста, зашто омразата – таа моќна алотропска модификација на глупоста – никако не сака да се прикажува себеси како емоција; смета, веројатно, дека за толку моќна сила на природата е понижувачки да биде легитимирана само како чувство. Затоа омразата секогаш – и тоа без исклучок! – сака да ја оправда и да ја рационализира својата гола емоционална природа (и своето срамно потекло), и тоа го прави не само избирајќи го предметот на омразата т.е. другиот, како крајно исходиште и цел на убиствената емоција, туку секогаш бара и „рационални причини“ за неа.

Значи, омразата, во последната трансформација на глупоста, сака да се искачи до статусот на убедување. Кога омразата ќе умисли дека е убедување, демек идеја, во истиот момент таа станува култ или религија! И потаму, тешко оному кој ќе ѝ стане „легитимна“ цел и непријател на глупоста, било да е тоа надворешен непријател или внатрешен предавник.

Партијата да се избрише

И, да скратам: ВМРО-ДПМНЕ не смее да постои како политичка партија. Не само затоа што е партија на Глупоста и на Омразата што му нанесе непроценлива штета на македонското општество, култура и политички поредок, туку затоа што постоењето на оваа партија го прави невозможно општественото заздравување на Македонија и ги прави невозможни демократијата, остварувањето на уставниот поредок и владеењето на правото во библиската земја. Партијата треба да се избрише од судскиот регистар на политички партии, да ѝ се конфискува криминално стекнатиот имот и потоа да се овозможи нејзините членови со граѓански капацитет да регистрираат нова десно ориентирана партија со автентични демократски и политички мотиви и програми. Но, таа партија не ќе да смее да се нарекува ВМРО. Со измени на Законот за политички партии акронимот ВМРО треба да се забрани за употреба во името на ниту една партија во Македонија. Без оглед како Македонците гледаат на историското значење на ВМРО: некои ја сметаат за славна, ментално здравите ја сметаат за срамна, но неспорно е дека таа е дел од националната историја, каде што единствено треба и да опстои. Поради што би морало – на нашиот пат кон Европа – со закон да се забрани злоупотребата на овој историски акроним во чии било партикуларни партиски интереси.

А, ДПМНЕ, ќе прашате, што со неа? Па, и овој акроним не би требало да може да се употребува за име на партија, и тоа не според некои идни изменувања на Законот за политичките партии, туку со правилно спроведување на постојниот. Елем, како може програмската цел на една партија во повеќепартиски уставен поредок да биде националното единство? Обединувањето на нацијата е можно само во еднопартиски системи, а нашиот тоа – колку се сеќавам – не е.

Од друга страна, самиот збор „партија“ доаѓа од латинското partiri, што значи да се подели, па вистинското значење на зборот партија е дека е тоа еден дел од политичката сцена, една страна односно странка, и по дефиниција не може и не смее да има ниту во името ниту во програмата за цел да го обедини целото општество, нацијата или државата. А, впрочем, партија што обединува е според значењето на зборовите оксиморон, а во конкретниот случај – чиста Глупост престорена во Убедување што одгледува Омраза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот