Ковачевски и Мицкоски се самоизбраа за премиери, Груби порача дека Ахмети избира

Димитар Ковачевски, Христијан Мицкоски и Али Ахмети / Фото Колаж на СП

И пред почетокот на кампањата за парламентарните избори – 18 април, ако се суди според изјавите на главните политички актери, досега имаме тројца идни премиери со стокмени владини кабинети.

Лидерот на СДСМ и експремиер Димитар Ковачевски речиси секојдневно изјавува дека тој ќе ја предводи новата проевропска влада, бидејќи СДСМ со коалицијата ќе освои повеќе пратенички мандати. Нов премиер, според неговите зборови, ќе биде и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а за него прашање е само дали во Собранието ќе брои 61 пратеник од „нивната“ коалиција. Вицепремиерот за политички систем Артан Груби, пак, најави дека дилемата кој ќе се смести на „Илинденска“ ќе ја разрешува лидерот на ДУИ, Али Ахмети – од Мала Речица!

Пораките од ТВ-дуелот

Сублимирано, ова се уверувањата, односно желбите на најголемите партии на еден месец пред парламентарните избори. И не само што се убедени оти токму тие ќе ја предводат државата идните четири години, туку дека и токму нивните претседателски кандидати ќе се сместат во „Вила Водно“ следните пет години.

– Во однос на бројките, СДСМ и коалицијата ќе имаат повеќе пратеници на изборите од ВМРО-ДПМНЕ. И следниот мандатар, на 9 мај, на Денот на победата над фашизмот, повторно ќе бидам јас и ќе ја формираме проевропската влада, со којашто до 2030 година ќе влеземе во ЕУ – повеќепати изјави Ковачевски.

Тој и во дуелот со Мицкоски на ТВ Канал 5 повтори дека тој ќе биде премиер.

– Бројките покажуваат дека Стево Пендаровски ќе биде претседател, а јас ќе бидам повторно премиер на Македонија. Вистинските бројки, не оние што ги гледаме по нарачани анкети. И ние, со нашиот јасен план, ќе ја внесеме државата во ЕУ. На крајот на изборите, на 8 мај, ќе победат партиите што се за европска Македонија – рече Ковачевски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нуди враќање назад и повторно преговарање со Бугарија.

– Вие мислам дека би биле најсреќен ако би можеле да одите пак да преговарате со Грција. И така 11 години да седиме тука, во изолација, додека и БиХ не замине пред нас – рече Ковачевски.

Ковачевски не го прејудицира идниот владин партнер од албанскиот политички блок, доколку СДСМ и коалицијата победи на изборите.

Мицкоски повеќепати повика граѓаните масовно да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и дека „победата мора да е јасна и убедлива и со 61 пратеник“.

– Ова е моето настојување и ова мора да биде нашата заедничка мисија – рече Мицкоски на конвенцијата за избор на кандидат за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека има три причини зошто им е потребна победа со 61 пратеник, односно за економските реформи, за да сносат одговорност сите што правеле криминал, како и за сигурно управување на институциите, без уцени и диктати.

ВМРО-ДПМНЕ смета на албанската опозиција

Мицкоски во дуелот со Ковачевски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде убедлив победник на парламентарните избори, а Гордана Силјановска Давкова ќе биде претседателка на Македонија. Тој го проектира владиниот кабинет.

– По овие парламентарни избори, партијата Беса на Билал Касами, исто како и Алтернатива на Африм Гаши, исто како Алијанса на Албанците на Арбен Таравари, исто како и Движењето на Изет Меџити, ќе бидат заедно со ВМРО-ДПМНЕ, со огромно мнозинство, во идната реформска и проевропска влада, која ќе ја води Македонија од 2024 до 2028 година – рече Мицкоски.

Коалицијата „Вреди“ експлицитно уште не се изјаснила која од партиите од македонскиот блок преферира за евентуален владин партнер. Од „Вреди“ велат дека, ако програмски се усогласат, ќе нема никаков проблем да коалицираат со ВМРО ДПМНЕ, бидејќи и двете се опозициски партии и е сосема природно да коалицираат по изборите.

Шлаг на оптимистичките изјави на Ковачевски и на Мицкоски „како идни премиери“ стави вицепремиерот Груби во гостувањето на ТВ Клан Македонија, со ставот дека идната влада ќе ја формира ДУИ на Али Ахмети, и тоа како што тој сака. Според Груби, ДУИ е клучен фактор, бидејќи го вратил СДСМ на власт по долгогодишно седење во опозициските клупи и дека во иднина мандатарот што ќе составува влада, ќе доаѓа од редовите на „интегративците“.

– Следната влада на Македонија ја прави Али Ахмети и тој ја избира! Имаме мало седиште во Речица и таму сме „кингмејкери“ во изборните определби. На последните избори отидовме со СДСМ, го донесовме на власт по повеќе години во опозиција. Ние во иднина ќе бараме да имаме мандатар за формирање влада, како и да го избереме претседателот на државата со двотретинско парламентарно мнозинство – рече Груби.

Интересно ќе биде да се следат потезите по 8 мај, односно дали желбите и исцртаните црвени линии на лидерите во кампањата ќе останат и при преговорите за новата влада.

Јавноста се сеќава дека на претходните избори, екслидерот на СДСМ Зоран Заев исклучуваше секаква можност постизборно да коалицира со ДУИ и ги испраќаше и во опозиција и во затвор, како што тоа сега го прави Мицкоски, а постизборно Ахмети беше клучниот фактор за Заев воопшто да може да состави мнозинство за кабинетот на „Илинденска“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот