Корупцијата е рак рана која не се лечи преку ноќ
Бизнисот може да учествува во коруптивните зделки, но може и да влијае врз нивното намалување, заеднички констатираа Бранко Азески, претседател на СКСМ и Благоја Пандовски, претседател на Транспаренси Интернешнл, потпишувајќи договор за соработка. Според Азески, борбата против корупцијата веќе три години е меѓу петте најважни приоритети на Комората, но државата и покрај сите заложби, како да тапка во место во искоренувањето на оваа рак рана.
Препорачано
-Компаниите реагираат, се жалат и укажуваат на конкретни примери, како што е на пример недостигот на соодветни инфраструктурни решенија на граничните премини, кои се гнездо за развој на корупцијата. Меѓудругото, тие прашуваат како е можно со години да биде расипана вагата за мерење на одреден граничен премин? Таму дневно минуват по 600 камиони, секој сака да помине побрзо, а некој профитира од застојот на границите. Зошто предметите од Антикорупциската комисија не се процесуираат до Јавното обвинителство? Корупцијата не е само наш проблем и за неа зборувам на сите меѓународни настани каде што присуствувам. Но, интересно е што наидувам на молк за оваа горлива тема – поентираше Азески.
Претседателот на Транспаренси Интернешнл, истакна дека соработката со Комората трае дваесеттина години и сега се официјализира.
-Бизнисот може да биде дел од корупцијата, но исто така може и да ја уништи – додаде Пандовски.


