Коронавирусот „ги погоди“ и македонските крадци

Криминолозите велат дека во вакви околности во кои секојдневно се наоѓа македонскиот граѓанин, реално е да се очекуваат драстични намалувања на кривичните дела по сите основи, посебно кај делата кражба и тешка кражба, бидејќи како никогаш до сега немало толку присуство на полиција по улиците на градовите ширум земјава.

Од почетокот на корона-кризата во нашата земја, односно откако се воведоа рестриктивни мерки и повеќето граѓани се дома, па се до денеска, според анализите на Министерството за внатрешни работи, за речиси 100 отсто е намален бројот на извршени тешки и лесни кражби, не само во Скопје, туку и на територијата на Македонија.

Според полициската статистика, од време на време, ќе се најде по некој „јунак“ кој дури и во време на полициски час ќе изврши кражба, но за неговата несреќа, за брзо време се открива и санкционира.

Од полицијата велат дека нивните истражители интензивно работат на откривање на крадецот кој пред три дена од маркет на улицата „Кузман Шапкарев“ во Скопје со употреба на погоден предмет ја отворил вратата, по што од канцеларија одзел сеф со пари и производи. Ова е единствената кражба која се случила откако е воведен полицискиот час, а сторителот да не е откриен.

– Во период од воведувањето на полицискиот час, претпоставуваме поради постојаното присуство на полицијата на терен, зголемениот број на полициски патроли, но и постојаното присуство на член од семејството во домот, има намалување на бројот на извршени тешки кражби во станбените објекти. На полициските службеници посебно во тек на полициски час многу им е олеснета работата во откривањето на лице кое сторило кривично дело, бидејќи не е можно да се „сокрие“ и неприметно да си замине дома ако нема и соодветна дозвола за движење. Таков пример имавме минатата недела кога крадец ограби продавница, но набргу по кражбата се соочи со полициска патрола, која кај него, при личен претрес пронајде предмети кои потекнуваат од извршено кривично дело. Крадецот е уапсен и против него е поднесена кривична пријава – велат од полицијата.

Криминолозите посочуваат дека во вакви околности во кои секојдневно се наоѓа македонскиот граѓанин, реално е да се очекуваат драстични намалувања на кривичните дела по сите основи, посебно кај делата кражба и тешка кражба, бидејќи како никогаш до сега во изминативе 30 години самостојна Македонија толку големо присуство на полиција дење и ноќе немало по улиците на градовите ширум земјава.

– Според мене, кривични дела од класифицирањето како кражба очекувам да бидат извршени од лица кои имаат голем порив сакајќи да си ја испробаат „среќата“, без притоа да размислат дека секое нивно присуство надвор е приметно од „километар“, како и од лица на кои им се потребни пари, а тука мислам на наркозависници. Од тоа што можам да прочитам дури и бројот на ограбени аптеки, кои во мирновременски околности барем еднаш неделно беа цел на крадци, од воведувањето на полицискиот час барем засега не се на мета на арамиите – вели криминологот Оливер Николовски.

Според полициската статстика, од воведувањето на полицискиот час во земјава, големо намалување на кривични дела има по сите основи. Па така намален е бројот на украдени возила, намалување се бележи и кај бројот на провални кражби во објекти, како и кај кривични дела кражба и дрска кражба извршени на отворен простор.

Видео на денот