Фото: илустрација / словенечкиот амбасадор во Косово, Борут Блај, во посета на словенечките војници во НАТО-мисијата КФОР / Фото: Фејсбук

Контроверзниот нов спикер на словенечкиот парламент најавува референдум за излегување од НАТО

Новоизбраниот претседател на словенечкиот парламент, крајнодесничарскиот политичар Зоран Стевановиќ, денеска за јавниот медиумски сервис РТВСЛО изјави дека има намера да распише референдум на кој граѓаните ќе одлучуваат за тоа дали земјата треба да излезе од НАТО.

„На народот му ветивме референдум за излегување од НАТО и ќе го одржиме“, изјавил Стевановиќ, како што пренесува „Анадолија“.

Тој нагласил дека неговиот став не е усогласен со ниту една странска сила.

„Немам проруски ставови, туку само прословенечки. Сметаме дека Словенија мора да води сопствена политика, независно и суверено“, рекол Стевановиќ.

„Мора да соработуваме со сите земји, а особено со големите сили, но таа соработка никогаш не смее да значи потчинетост. Добри односи со сите, но во интерес на Словенија“, порачал претседателот на словенечкото Народно собрание.

Тој е контроверзен политичар чијашто партија, Ресни.ца, настана како резултат на негодувањата на дел од граѓаните поради државните мерки и вакцинацијата против ковид-19 во 2021 година. Контроверзен беше и самиот избор на Стевановиќ за собраниски спикер во петокот, на којшто, според денешниот извештај на агенцијата СТА, дел од гласачките ливчиња за тајното гласање во Парламентот, биле обележани.

Референдум за напуштање на НАТО лани во јули веќе беше предложен во словенечкиот парламент, од страна на социјалистичката партија Левица, но иницијативата тогаш не доби поддршка од мнозинството пратеници. Според анкета од минатата година, 52% од Словенците го поддржуваат излегувањето на нивната држава од Северноатлантската алијанса, наспроти 66 отсто кои гласаа за влегување во НАТО во 2003 година.

Изборите во Словенија се „држи се, не давај се“: премиерот Голоб води за влакно пред опозиционерот Јанша

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот