Фото: Слободан Ѓуриќ | Слободен печат

Конкурсот за директор на МРТ мистериозно одложен – кој „купува“ време?

Додека МРТ формално го започнува процесот за избор на нов Надзорен одбор, изборот на директор и на заменик-директор необјасниво се одложува. Експертите предупредуваат дека за тоа нема правна основа и дека ваквиот застој ѝ овозможува на актуелната управа да продолжи да работи со истечен мандат. Политичките пресметки, според нив, сè повеќе доминираат над законските процедури и јавниот интерес.

Во момент кога МРТ треба да влезе во чиста и транспарентна постапка за избор на ново раководство, институцијата повторно заглавува во веќе видена шема: конкурсот за Надзорен одбор е веќе распишан, но изборот на директор и на заменик-директор мистериозно се одложува, без законска причина и без јасно образложение.

Додека тече 15-дневниот рок за пријавување кандидати за Надзорниот одбор, во ходниците на МРТ се отвора друг слој на приказната: зошто паралелно не се распишува конкурсот за директор и за заменик-директор, кога процедурата е независна и може да се води истовремено?

Според наши извори од телевизијата, одложувањето не е случајно, туку внимателно темпирано за да му се обезбедат дополнителни три-четири месеци на актуелното раководство. Тој „вакуум“ период, како што го нарекуваат, би им овозможил да завршат одредени финансиски и кадровски операции што инаку би биле под поголема контрола.

Извори упатени во состојбите предупредуваат дека во наредните месеци може да се потрошат дел од средствата предвидени за буџетот за 2026 година, пари што потоа тешко се следат во административниот лавиринт.

Покрај тоа, се зборува и за воведување наводна нова систематизација на работните места во МРТ: новинарите да мора да имаат диплома од Факултетот за новинарство, режисерите и снимателите – од Драмскиот факултет. На хартија тоа делува како „професионализација“, но во реалноста, велат нашите соговорници, тоа би значело недостиг од кадар и уште поголема зависност од копродукции – сфера во која МРТ веќе троши сериозни пари и станува подложна на влијанија што тешко се контролираат.

Претседателот на Центарот за развој на медиуми Дејан Георгиевски, со доза на уморен цинизам зборува за оваа ситуација.

– Веќе сме навикнати изборот на управните тела во МРТ да доцни до недоглед. Зошто не се распишани паралелни конкурси за Надзорен одбор и директори, навистина не можам да сфатам. Најверојатно се чека политички договор на највисоко ниво. Три децении ја имаме МРТ само колку да ја имаме. МРТ е наша телевизија, на граѓаните. Директор ќе изберат, тоа е јасно. Прашањето е кога и под какви услови – изјави Георгиевски за „Слободен печат“.

Членот на Програмскиот совет, новинарот Баким Лачи, на последната седница отворено побарал објаснување за тоа кога ќе започне постапката за конкурс за директор и заменик-директор.

Како што ни изјави, тој сакал да се дистанцира од каква било можност за идно утврдување на незаконитост во работењето на Советот.

– Ако утре некој утврди дека Советот не работел законски, сакам да имам доказ дека не сум бил дел од приказната – рече Лачи.

Одговорот што го добил, а кој е наведен и во записникот од седницата, го дал претседателот Давор Пашовски.

Според него, постапката мора да оди по строго дефиниран редослед: прво нов Надзорен одбор, потоа негова согласност за новиот Статут, па дури потоа конкурс за директор и заменик-директор.

Пашовски и во изјава за „Слободен печат“ тврди дека Програмскиот совет постапува строго во согласност со Законот и сите релевантни процедури.

– Член 43 од Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Сл. весник на РМ“ бр. 248/2018) е многу јасен, новиот Програмски совет најпрво мора да ги донесе подзаконските акти, а дури потоа во рок од 15 дена да распише конкурс за директор и за заменик-директор. Кај МРТ, тој подзаконски акт е Статутот, а не Деловникот. Но, за да може Статутот да се донесе, Законот пропишува обврска што предвидува дека Надзорниот одбор на МРТ мора да даде согласност на Предлог-статутот во согласност со член 129 став 1 алинеја 4 од основниот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Затоа првиот чекор е избор на Надзорен одбор. Токму тука се појави законска пречка, односно изборот на Надзорниот одбор беше во застој поради забраните од член 8-а од Изборниот законик, кои изречно забрануваат избори и именувања за време на изборен процес. Со завршувањето на изборите, пречките се отстранети и веќе од 21 ноември огласот за избор на Надзорен одбор е објавен – изјави Пашовски.

Ова значи, додава тој, дека сега немаме пречки да го продолжиме процесот во законски пропишаниот редослед, кој предвидува прво избор на Надзорен одбор, потоа донесување Статут и потоа распишување конкурс за директор и заменик-директор. Всушност, тоа е единствениот редослед што е утврден според Законот, тврди првиот човек на Програмскиот совет.

– Дополнително, ве информирам дека за оваа недела е закажана редовна седница на Програмскиот совет, на која ќе се избере Комисијата што ќе ја спроведува постапката за избор на Надзорниот одбор, што е следниот формален чекор. Со ова, уверувам дека Програмскиот совет постапува целосно транспарентно и во согласност со Законот – рече Пашовски.

Но, ова негово објаснување, според експертите, не се однесува на ниеден закон.

На тоа најостро укажува Снежана Трпевска, експерт за медиумски политики, која за „Слободен печат“ нагласува дека мандатот на раководните тела одамна е истечен и дека токму тоа ја прави актуелната состојба особено проблематична.

– Во членот 130 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги јасно стои дека директорот и заменикот ги избира Програмскиот совет по јавен конкурс и презентирана програма за работа. Во следниот став стои дека постапката е уредена со Статутот на МРТ. Значи, постои веќе уредена процедура – вели Трпевска.

Таа додава дека сегашниот директор одамна го надминал законски дозволениот број последователни мандати и дека неговата позиција е нелегитимна.

– Програмскиот совет, веднаш по конституирањето, требаше да избере нов Надзорен одбор и ново раководство врз основа на постојниот Статут, а не да чека избори – изјави Трпевска.

Во однос на тврдењето дека прво мора да се усвои нов Статут, па потоа да се избираат директори, Трпевска е јасна дека такво нешто не постои во Законот.

– МРТ веќе има Статут што ја регулира постапката. Ова толкување е погрешно и само ја продлабочува конфузијата. Со ваквиот пристап, Советот сам им дава легитимитет на нелегитимните органи – рече Трпевска.

Нејзината оцена делува како резиме на целата ситуација: долгогодишна институционална лавиринтност, политички влијанија што се движат тивко и раководство со одамна истечен мандат што продолжува да функционира како да е сè во ред.

За стручно мислење го прашавме и Борче Давитковски, еден од најпознатите професори по управно право во земјава, кој за „Слободен печат“ објасни дека конкурсот за избор на членови на Надзорен одбор нема никаква поврзаност со конкурсот за избор на директор и заменик-директор на МРТ.

– Штом главниот орган, а во случајов тоа е Програмскиот совет, има ингеренции да избира директор и заменик-директор, тогаш не постои никаква пречка да се стори тоа. Штом е конституиран Програмскиот совет, мора веднаш да распише конкурс – вели Давитковски.

Тој направи една едноставна, но прецизна споредба: „Тоа е исто како Собранието да ја избира Владата. Едноставно, ако е конституирано Собранието, нема никаква пречка да се избере Влада, ниту непотребно да се одложува изборот на Влада“.

Со ова, правната слика за случајот со МРТ станува дури непријатно јасна: нема законски основ за одложување. Единственото што останува е впечатокот дека причините се политички, а не правни.

И токму затоа во јавноста расте сомнежот дека МРТ повторно е втурната во меѓупростор во кој „префрлањата на топката“ и паралелните договори зад затворени врати стануваат поважни од законот.

А кога јавниот сервис, кој треба да биде независен и одговорен пред граѓаните, ќе биде ставен во ваков правно-политички вртлог, тогаш прашањето не е само кога ќе се избере ново раководство, туку кој ја одредува динамиката и во чиј интерес се одолговлекува процесот што требаше одамна да биде завршен.

Ова досега не се случило – МРТ не емитуваше ТВ-дневник, а објаснување нема

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот