Фото: Jonathan Raa / Zuma Press / Profimedia

Конфликтот во Израел и невистините – Икс критикуван за веродостојноста на објавите на Маск

Не долго откако во саботата, на 7 октомври започна уште еден крвав вооружен конфликт меѓу Израел и Палестинците, на социјалните мрежи почнаа да се шират погрешнонаведувачки видеа, фотографии и информации.

Начинот на кој платформата Икс ги пренесува информациите за конфликтот меѓу Израел и Хамас е под лупа по вистинскиот наплив од лажни објави, како и советите на Илон Маск до корисниците за војната да се информираат од сметки кои веќе дале лажни тврдења или антисемитски коментари.

„За следење на војната во реално време, @WarMonitors и @sentdefender се добри“, објави Маск, кој на платформата Икс има повеќе од 150 милиони следбеници.

Тој пост беше прегледан 11 милиони пати за три часа, пред Маск да го избрише. Профилите кои ги промовира Маск се познати по ширењето лажни вести и редовно објавуваат неточни и непроверени информации, а само еден претходен пример е лажната вест дека имало експлозија во близина на Пентагон.

Маск ги остави и своите одговори на објавите на профилите што ги промовираше, од кои секој има повеќе од 600.000 следбеници, со што се зголемува нивната видливост. Тој, исто така, продолжи да ги обвинува главните медиуми, препорачувајќи им на корисниците да ѝ веруваат на платформата Икс наместо на традиционалните медиуми.

Сепак, Маск беше принуден да го избрише твитот во кој го препорача антисемитскиот профил откако се соочи со реакции од неговите 159 милиони следбеници кои побрзаа да истакнат дека профилот @WarMonitors постојано го користел зборот Евреин во лош контекст.

„Тој беше и останува антисемитист долго време“, коментираат некои корисници.

Има многу докази дека самата платформа Икс не го поминала тестот

На корисниците на Икс не им треба многу време и скролање доколку на платформата ги пребарува збоовите Израел или Газа, да најдат сомнителни, тешко докажливи или веќе демантирани информации. Икс, како и другите извори на информации, е предмет на гласини, лажни тврдења и пропаганда за време на големи конфликти, природни катастрофи или несреќи.

Истражувачите, сепак, проценуваат дека Икс стана значително помалку сигурен откако Маск ја презеде контролата пред речиси една година. Маск ги отстрани ознаките за потврда за проверените профили, престана да означува некои профили како владини и почна да ги наградува прегледите наместо точноста, испраќајќи пари на сметките на оние профили кои привлекуваат голем ангажман.

Ова е поткрепено со една неодамнешна студија објавена од Европската комисија, која заклучува дека руската пропаганда за војната во Украина допрела повеќе луѓе на платформата Икс оваа година отколку минатата година. Минатата недела Маск објави дека ќе го промени начинот на споделување на написите со отстранување на насловите и промовирање само на слики, што според експертите ќе го намали сообраќајот на сајтовите за вести. Некои невладини организации наведуваат и дека бројот на антисемитски објави на платформата Икс е зголемен откако Маск ја купил.

Поплава од дезинформации

Видео снимката од израелскиот воздушен напад кој наводно покажува одмазда за ненадејниот напад во саботата од страна на палестинската група Хамас брзо стана вирална.

„ВИДЕО: Израелските воздухопловни сили напаѓаат терористички цели во Газа“, гласи погрешнонаведувачкиот наслов на објавата што беше споделена на Фејсбук и Икс, откако веста за конфликтот се појави на интернет.

Сепак, видеото кое покажува израелски воздушен напад врз Појасот Газа беше снимено на 13 мај во град во близина на северната граница на Газа и објавено на Јутјуб во тоа време. Уште едно видео доведе во заблуда многу корисници на социјалните мрежи. Снимките од камиони на автопат во јужен Израел со два авиони по грешка се прикажани како евакуација на воздушните бази во Израел, откако палестинската исламистичка група Хамас изврши ненадеен напад врз Израел.

Некои корисници тврдеа дека покажува ккао израелските одбранбени сили ги евакуираат воздушните бази во близина на Газа, додека некои корисници рекоа дека силите на Хамас ги носат израелските авиони. Tоа видео, сепак, беше објавено на Јутјуб минатиот месец, додека повторената верзија на видеото е прегледана стотици илјади пати.

Налог кој го имитира Ерусалим пост објави лажна вест дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху бил однесен во болница објава што доби повеќе од 700.000 прегледи. Голем број профили промовираа лажен документ во кој се тврди дека Белата куќа одобрила осум милијарди долари помош за Израел. Други објавија видео од уривање на згради во Сирија во минатото и рекоа дека се во Газа. Многу од погрешнонаведувачките видеа беа споделени од верифицирани корисници на Икс.

Во меѓувреме, двете завојувани страни се свртеа кон социјалните медиуми и технолошките платформи за да се вклучат во информациска војна. Во десетици објави на Икс, ТикТок и Инстаграм, израелските официјалните профили на социјалните мрежи го осудија Хамас и постојано изјавуваа: „Ние сме во војна“.

Во едно видео објавено на Инстаграм и Икс, Израел го спореди Хамас со ИСИС. Иста идеологија, различни имиња“, стои во текстот објавен над видеото од наводното киднапирање.

Многу социјални мрежи, вклучувајќи го и не толку строго модерираниот Икс, ги забранија профилите и политичарите поврзани со Хамас. Хамас потоа се сврте првенствено кон платформата за пораки Телеграм за да ја дистрибуира својата содржина, што доведе до огромен раст на следбениците на тие сметки.

Хамас објави промотивни видеа, како и снимки од терен, на кои се гледа бескрупулозно насилство. Меѓу снимките што кружеа во саботата имаше видео снимки од израелски цивилни заложници кои беа однесени во Газа. Други, наводно покажуваат како Хамас отвора оган врз присутните на израелскиот музички фестивал.

Извор : Demostat

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот