Компаниите со нова адреса мора да сменат цела документација

Менувањето на имињата на улиците во Град Скопје, не е процедура по системот „плукни-залепи“, оти тоа повлекува и други импликации ( читај бирократско- финансиски) и тоа не само за граѓаните, туку и за компаниите. Советот на Скопје ја усвои листата на регистарот на имињата на улиците во главниот град, објави на Фејсбук градоначалникот Петре Шилегов.

– Заврши седницата на Советот на Град Скопје. Усвоена листата на регистарот на имиња на улиците во Скопје. „Мексичка“, „Ленинова“, „Железничка“… се враќаат во нашето Скопје – напиша Шилегов.

Јасно е дека граѓаните кои ќе бидат зафатени од промените, ќе мора да ги сменат своите лични документи, но за компаниите тоа ќе значи еден куп пријави на нови адреси,  и се разбира нови трошоци… Градоначалникот Петре Шилегов, неодамна појасни, дека иако законот бара од граѓаните да ги сменат податоците во личните документи доколку има промена на адресата, сепак, тоа ќе биде направено, откако ќе им истечат личните документи, со следната редовна промена.

-Да треба да менуваат имињата на улиците, само што тоа повлекува и промена на личните карти. Оние граѓани кои скоро ги замениле овие документи, ќе може да причекаат до крајниот рок, но во меѓувреме, ако им треба некоја друга документација, ќе мора да менуваат се, а тоа чини – коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Од друга страна, новите називи ќе значат дополни трошоци за промена на комплетната документација за фирмите во смисла на менување адреса на сите официјални документи, кои мора да ја содржат новите податоци. За среќа, фирмите нема да мора да ги менуваат печатите, бидејќи на нови не стои адресата.

-Промената на адресата на седиште повлекува потреба од поднесување на пријава со цел ажурирање на податокот во ЦР (тоа е согласно Закон секоја промена на запишан податок треба да се пријави). Како прилог кон пријавата потребни се и прилог документи кои кај Друштвата се поднесуваат преку регистрационен агент, или ги поднесува самото Друштво преку управителот (пријава и прилог документи за промена на адреса, доколку управителот и основачите имаат електронски потпис со кој ќе ги потпишат документите – изјавија од Централниот регистар за „Слободен печат“.

Од компаниите потврдуваат дека ќе треба да је менуваат целата документација заради комуникација во правниот и деловниот промет, но прашуваат кој ќе ги сноси трошоците за оваа операција?

-Јас имам три фирми на една адреса и нив плаќам фирмарина. А и сите останатите документи ќе треба да се менуваат, освен печатите на кои не стои адреса – вели сопственик на една компанија.
Реагираат и поштарите и таксистите. Ним им требаат неколку години да ги научат новите имиња на улиците, кои ги смени претходната власт, а сега повторно се случува истото.

Над 45 отсто од улиците во Скопје носат имиња од НОБ

– Во Скопје имињата на јавните простори се менуваа неколкупати досега. Ако се погледне историски, 55 отсто улиците под Град Скопје се имиња од периодот пред Втората Светска Војна, додека 45 отсто се имиња од Втората Светска Војна, односно од НОБ. Само 2 улици се од периодот по независноста – „8-ми септември“ и „13-ти август Охридски договор – анализирале од Центарот за промовирање на граѓански вредности – АГОРА во 2019 година, откако Град Скопје ја најави промената на имињата на улиците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот