Комисијата за заштита од дискриминација бара од сопственичка на центар за психолошки услуги да избрише туѓ дискриминирачки коментар за ЛГБТИ-заедницата од нејзината фејсбук-страница

лгбт

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди „продолжено повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација кон припадниците на ЛГБТИ заедницата од страна на Дора Попова Узуновски, основач на Центарот за применета психологија „Дора“ врз основа на пол, род, сексуална ориентација и родов идентитет, извршено со објавување на содржина на социјалната мрежа „Фејсбук“, на 18.03.2022 година“. (Мислење на КСЗД од 28.07.2022 година), информираа од организацијата Субверзивен фронт, која ја поднесе иницијативата до Комисијата.

Комисијата утврди дека еден коментар под нејзината објава на Фејсбук „содржи елементи на вознемирувачки говор, полн со предрасуди и стереотипи“, односно, дека „содржи елементи на вознемирувачки говор врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет, што според членот 10 од Законот, претставува вид на дискриминација“.

КСЗД се повикува на праксата на Европскиот суд за човекови права: „Судот процени дека дури еден коментар со омраза под објава на социјална мрежа е доволен за истиот да се сфати сериозно, доколку објавата има голема онлајн видливост, како во овој случај. Следствено, сопственичката на профилот, Дора Попова Узуновски морала да го отстрани ваквиот коментар, бидејќи веќе 18 недели постои на нејзиниот ѕид и предизвикува, посредно или непосредно, поттикнување на дискриминаторски активности врз основ на пол, род, сексуална ориентација и родов идентитет.“

Затоа, КСЗД утврди „лична одговорност на сопственичката на профилот Дора Попова Узуновски за неотстранување на ваквиот вознемирувачки коментар, што резултирало со повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација…“.

Поради тоа, КСЗД донесе и препорака сопственичката на профилот да го отстрани коментарот од својот профил во најкраток можен рок, но не подолг од 30 дена, и за тоа писмено да ја извести комисијата. КСЗД препорачува на сопственичката на профилот „во иднина да ги следи коментарите на своите објави на личниот профил на „Фејсбук“ и веднаш да ги отстранува оние што ќе содржат вознемирувачки говор врз некоја дискриминаторска основа кон поединци или група лица со заштитени карактеристики, затоа што таквата активност ќе се смета за повторена дискриминација, што според Законот, претставува потежок облик на дискриминација“.

Исто така, КСЗД ѝ укажува на сопственичката на профилот дека ако не постапи по препораката во зададениот рок, Комисијата ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот