Комисија ќе испитува кои вработени пуштале придружници од семејствата да бдеат над ковид пациентите во Тетово

Тетово пожар
Увид по пожарот во тетовската модуларна болница / Фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

Јавна тајна е дека членови на семејствата на болните од ковид во модуларната болница во Тетово која изгоре до темел – бдееле над своите роднини, односно дозволувано им било да присуствуваат во собите заедно со пациентите и да се грижат за нив!

Ова за „Слободен печат“ го потврдуваат повеќе од десет граѓани кои што имале близок од семејството хоспитализиран во болницата, а регистрирано е и во репортажи на медиуми чии екипи влегле во тетовската модуларна болница непосредно пред таа да изгори, односно една недела пред трагичниот пожар.

Спротивно на секоја епидемиолошка логика и во состојбаа кога во Тетово неделно умираа и по неколку членови од исто семејство, со или без знаење на менаџментот на болницата, дозволувано било внатре да присуствува по еден ,,придружник”, со образложение дека нема доволно медицински кадар.

Тоа во изјава за „Слободен печат“ го потврди и девојка чии татко и сестра, меѓу последните и избегале на сигурната смрт од пламените јазици кои беснееа во модуларната болница – преку искршен прозорец.

Таткото бил хоспитализиран со ковид, и според зборовите на ќерката, при приемот, на семејството му било кажано ,,да одредат еден придружник на болниот од фамилијата, зашто нема доволно медицински кадар во болницата”. Така и негативната на ковид – ќерка, останала во болничката соба во модуларната болница што изгоре и благодарение на оваа околност, успеала да го извади татко си низ прозорец откако го скршила стаклото на прозорецот.

Дел од семејствата се гневни затоа што медиумите го критикуваат ова непочитување на протоколите, бидејќи според нив – благодарение на придружникот, се спасиле нивните блиски од сигурна смрт.

„Слободен печат“ од свои извори во болницата, дознава дека економскиот директор на болницата не си дал оставка како што вчера беше објавено во дел од медиумите.

„Слободен печат“ го праша раководителот на ковид центарот доктор Гзим Нуредини утринава, колку време траела оваа пракса, зошто се случувала. Тој признава дека по протокол, таквата работа е забранета.

-Обично по протокол, тоа е забрането, посета на ковид пациенти каде било во пандемија па и кај нас во ковид центарот. Овде пациентите имаат роднини коишто биле надвор од објектот и при пожарот стрчале да помагаат. Формираме комисија во болницата да видиме кои вработени ги пуштиле роднините внатре да ги чуваат пациентите. Сите сега го зборуваат тоа, а цела година не ме прашал никој за таа работа, ни изјави доктор Нуредини.

Неоспорлив е фактот, дека во пожарот кој однесе 14 животи, имало и млада девојка која не сакала да ја остави мајка си да изгори во пламенот, па обидуваќи се да ја спаси изгорела жива. Нејзината фотографија се споделува на социјалните мрежи како потсетник дека во пожарот има жртва која што воопшто не била хоспитализирана и воопшто немала ковид туку само ја вардела мајка си во одделението наместо тоа да го прават лекарите како што е ред.

Образложението на раководителот на ковид центарот во тетовската клиничка болница доктор Гзим Нуредини дадено за телевизија 24 минатата вечер – е дека дел од хоспитализираните биле роднини на медицински сестри или вработени, па затоа им бил даден пас за визита од 15 минути ,,со почитување на сите ковид мерки”. Но, една од ковид мерките е изолација и на пациентите и на контактите, па оваа изјава надополнета со елементот на протекција поради роднинска врска со вработен во болницата, дава уште поскандалозна димензија на појавата.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат на барање на министерот за здравство Венко Филипче денеска ќе влезе во ковид болницата во Тетово да утврдува зошто посетители и придружници биле во болницата кога тоа е надвор од правилата.

-Сите одговорни во раководењето на тетовската болница треба да бидат разрешени. Шокантно е да се дознае дека во тој ковид центар имало и роднини на пациенти. Тие внатре влегувале и излегувале кога сакале и тој ковид центар не служел само за лекување туку тоа било жариште за проширување на инфекцијата, рече инфектологот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје доктор Фадил Цана.

Д-р Цана: Тетовскиот ковид-центар бил извор на зараза, министерот има морална обврска за оставка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот